Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска во Сараево оствари средба со шефот на дипломатијата на Босна и Херцеговина, Елмедин Конаковиќ, на која беше потврдена одличната билатерална соработка и подготвеноста за нејзино понатамошно унапредување.
На заедничката прес-конференција по средбата, Муцунски истакна дека двете земји одржуваат редовен и конструктивен политички дијалог на сите нивоа и дека меѓу нив нема отворени билатерални прашања.
-Во денешните геополитички околности тоа претставува редок и позитивен пример во нашиот регион – нагласи министерот.
Во фокусот на разговорите биле актуелните состојби во регионот, европската интеграција и политиката на проширување на Европската Унија. Соговорниците оцениле дека проширувањето останува стратешки интерес и за земјите од Западен Балкан и за самата Европска Унија, особено во услови на засилени геополитички предизвици.
Муцунски истакна дека Македонија и БиХ ги поврзуваат заеднички цели – европската перспектива на регионот, како и заложбата за зачувување на мирот, стабилноста и безбедноста на Западен Балкан.
Посебно внимание било посветено на економската соработка, при што двајцата министри се согласиле дека постои значителен простор за нејзино продлабочување. Во таа насока било разговарано за организирање почести бизнис-форуми, подобрување на транспортната инфраструктура и повторно воспоставување на директната авиолинија меѓу Скопје и Сараево.
-И покрај одличните политички односи, постои значителен простор за унапредување на економските врски меѓу двете земји – порача Муцунски.
На средбата биле разменети мислења и за актуелните безбедносни предизвици во регионот. Македонскиот министер ја повторил поддршката за суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на Босна и Херцеговина, во согласност со Дејтонски мировен договор.
Тој нагласи дека Македонија, како членка на НАТО, силно ги поддржува евроатлантските аспирации на БиХ и реформските процеси што земјата ги спроведува во соработка со Алијансата и меѓународните партнери.
Според Муцунски, ангажманот на НАТО, Европската Унија, мисијата ЕУФОР-Алтеа и Канцеларијата на високиот претставник остануваат клучни за зачувување на стабилноста и безбедноста во БиХ.
Двајцата министри ја потврдија и подготвеноста за меѓусебна поддршка во рамките на кандидатурите во меѓународните организации и форуми, како и за натамошно јакнење на политичкиот дијалог и партнерството меѓу двете пријателски држави.

































