Бројот на жртви од силниот земјотрес што го погоди јужниот дел на Филипините се искачи на 15, додека најмалку 129 лица се повредени, соопштија властите.
Според Филипинскиот институт за вулканологија и сеизмологија, по првичниот земјотрес со магнитуда од 7,8 степени се регистрирани уште 138 последователни потреси до 11 часот по локално време. Нивната јачина се движела од 1,3 до 6,7 степени според Рихтеровата скала, пренесе „Би-би-си“.
Истовремено, цунами бранови биле регистрирани во шест области долж јужниот брег на островот Минданао. Брановите биле забележани помеѓу 07.42 и 08.45 часот по локално време, а највисокиот достигнал висина од 1,4 метри. Поради тоа, предупредувањето за цунами и натаму останува во сила.
Земјотресот предизвикал значителна материјална штета. Според првичните проценки, оштетени се повеќе од дваесетина згради, од кои голем дел се комерцијални објекти.
Директорот на локалната канцеларија за цивилна одбрана, Родриго Сосмена, изјавил дека 12 од вкупно 15-те жртви се регистрирани во регионот Сокссарген, кој ги опфаќа провинциите Јужен Котабато, Султан Кударат и Сарангани, како и градот Генерал Сантос.
Во меѓувреме, Канцеларијата за надворешни работи, Комонвелт и развој на Велика Британија (FCDO) издаде безбедносни препораки за регионот Минданао. На жителите и патниците им се советува да ги следат инструкциите на локалните власти и да избегнуваат престој во оштетени објекти.
За лицата кои планираат патување во погодените области, британските власти препорачуваат да стапат во контакт со своите туристички оператори за најнови информации и да проверат дали нивното патничко осигурување покрива последици од природни катастрофи.
Спасувачките и итните служби продолжуваат со проценка на штетите и со помош на погоденото население, додека властите предупредуваат дека поради големиот број последователни потреси ситуацијата останува нестабилна.

































