Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека пораките испратени од Самитот ЕУ–Западен Балкан во Тиват биле најсилните што ги слушнал во изминатите две години откако е на чело на Владата, нагласувајќи дека процесот на проширување на Европската Унија останува отворен и активен, пренесе МИА.
Тој истакна дека францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц испратиле јасна порака дека земјите од регионот треба да продолжат со реформите и да напредуваат врз основа на заслуги, а не преку билатерални спорови.
– Во овие две години откако сум претседател на Владата, пораките од Самитот ЕУ–Западен Балкан во Тиват беа најсилни. Главната порака беше дека процесот на проширување не е завршен. Францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц дадоа силен мотив да продолжиме со реформите и да испорачуваме резултати врз основа на принципот на заслуга, а не врз основа на билатерални прашања. Тоа беше потенцирано неколкупати на самиот самит – изјави Мицкоски.
Говорејќи за таканаречениот „нон-пејпер“ подготвен од Макрон и Мерц, премиерот посочи дека европските институции веќе добиле инструкции за негова операционализација.
– Од разговорите со францускиот претседател и германскиот канцелар, како и од работниот дел на Самитот, можев да заклучам дека институциите во Брисел веќе работат на спроведување на овој документ. Тој претставува значително подигнување на нивото на односите меѓу Европската Унија и земјите од Западен Балкан и овозможува поголемо користење на одредени европски механизми и алатки од страна на државите од регионот. Овој процес не е во конфликт со проширувањето – станува збор за два паралелни процеси – нагласи Мицкоски.
Според него, една од конкретните придобивки ќе биде значително почеста комуникација меѓу лидерите од регионот и европските институции.
– Договорено е средбите повеќе да не се одржуваат само двапати годишно, како што беше случај со самитите ЕУ–Западен Балкан. Наместо тоа, ќе има најмалку две средби месечно. Тоа значи дека ќе можеме директно да разговараме со луѓето кои носат одлуки, да учествуваме во креирањето политики и заеднички да ја градиме иднината – рече премиерот.
Тој додаде дека од Самитот се враќа „задоволен и инспириран“ за уште поинтензивна работа на Владата.
Осврнувајќи се на забелешките дека Македонија не била спомената на прес-конференцијата во Тиват и на ставовите дека без уставни измени нема напредок во евроинтеграциите, Мицкоски истакна дека неговиот оптимизам произлегува од директните разговори што ги имал со Макрон и Мерц.
– Бев единствениот лидер од Западен Балкан кој имаше билатерални средби и со претседателот Макрон и со канцеларот Мерц. Точно знам што се разговараше на тие состаноци и што ќе следи во периодот пред нас. Добив одговори на некои од дилемите што ги имав и токму затоа сум оптимист – рече тој.
Премиерот ги отфрли тврдењата дека иницијативата на Макрон и Мерц не може да се применува на Македонија поради тоа што земјата сè уште не ги започнала преговорите по кластери.
– Планот ги опфаќа сите шест земји од Западен Балкан, без разлика на нивото на кое се наоѓаат во евроинтегративниот процес. Тој не е поврзан директно со проширувањето, туку претставува паралелен механизам за поголема интеграција со Европската Унија – истакна Мицкоски.
Во однос на уставните измени, премиерот повтори дека нема да поддржи никакво решение без јасни гаранции за конечен исход на процесот.
– Додека сум претседател на Владата, никогаш нема да поддржам уставни измени без јасен крај и без гаранции дека процесот ќе започне и ќе заврши. Само доколку има јасни гаранции дека нема да следуваат нови билатерални или идентитетски условувања, може да се разговара за таков чекор. Сè друго нема да поддржам – порача Мицкоски.
Тој додаде дека и Макрон и Мерц покажале сериозен интерес за ова прашање и очекува во наредниот период да се интензивираат разговорите.
Осврнувајќи се на односите со Бугарија, Мицкоски порача дека европските принципи мора да важат подеднакво за сите.
– Непринципиелно е да се повикувате на човекови права, а истовремено да имате 14 пресуди од Европскиот суд за човекови права во Стразбур и да не дозволувате регистрација на организација на Македонците во Бугарија. Или европските принципи важат за сите или не важат за никого. Тоа се темелните европски вредности – истакна премиерот.
Тој нагласи дека Македонија е подготвена да бара решение, но без дополнителни понижувања и без неизвесен исход.
– Важно е што ќе бидеме многу почесто присутни во Брисел и што ќе можеме директно да разговараме. Тоа е значително повеќе отколку пред една, две или три години. Ја повикувам македонската јавност да не подлегнува на притисоци кои носат неизвесен крај и дополнително национално понижување. Ние мора да бидеме внимателни, прецизни и да ја следиме јасната стратегија што ја имаме како Влада. Имаме пријатели и чекор по чекор ќе стигнеме до целта – порача Мицкоски.



































