Повеќе од 14.500 средношколци денеска го започнуваат полагањето на матурските испити со првиот екстерен предмет по избор. Годинава, согласно измените на Законот за средното образование, за првпат се спроведуваат три вида матурски испит – државна матура, државна стручна матура и државна уметничка матура, пренесе МИА.
Според податоците на Државниот испитен центар (ДИЦ), за полагање матура се пријавени вкупно 14.587 ученици. Од нив, 12.184 ќе полагаат државна матура, 2.276 државна стручна матура, а 127 државна уметничка матура.
Полагањето на првиот екстерен испит започнува во 9 часот. Учениците кои се определиле за државна матура денеска ќе полагаат странски јазик (англиски, француски, германски, руски или италијански) или математика. Кандидатите за државна стручна матура ќе избираат меѓу англиски јазик и математика, додека учениците кои полагаат државна уметничка матура ќе решаваат тест по англиски јазик или историја.
Најголем интерес и годинава има за англискиот јазик. За овој предмет се пријавени вкупно 13.208 кандидати, од кои 11.017 ученици што полагаат државна матура, 2.107 за државна стручна матура и 84 за државна уметничка матура.
Математика ќе полагаат 1.173 ученици, од кои 1.017 кандидати за државна матура и 156 за државна стручна матура, додека историја избрале 38 ученици кои полагаат државна уметничка матура.
Од останатите странски јазици, француски јазик избрале 20 матуранти, германски 52, руски седум, а италијански јазик двајца кандидати.
Задолжителниот екстерен испит по мајчин јазик и литература ќе се полага следната недела. Учениците кои полагаат државна матура ќе го решаваат тестот на 11 јуни, додека кандидатите за државна стручна и државна уметничка матура ќе полагаат на 12 јуни, со почеток во 9 часот.
Најголем број ученици, односно 9.810, ќе полагаат македонски јазик и литература. Од нив, 7.809 се кандидати за државна матура, 1.875 за државна стручна и 126 за државна уметничка матура.
За албански јазик и литература се пријавени 4.199 кандидати, од кои 3.834 полагаат државна матура, 364 државна стручна матура и еден кандидат државна уметничка матура. Турски јазик и литература ќе полагаат 360 ученици, додека за српски јазик и литература се пријавени пет кандидати.
Според ДИЦ, гимназиското образование годинава го завршуваат 5.713 ученици и сите тие полагаат државна матура. Од вкупно 8.629 матуранти во средните стручни училишта, 6.353 се определиле за државна матура, а 2.276 за државна стручна матура. Во уметничките училишта, од 245 кандидати, 118 ќе полагаат државна матура, а 127 државна уметничка матура.
За реализација на матурските испити ќе бидат ангажирани околу 2.500 тестатори и околу 200 набљудувачи. Во просториите каде што се полага е забрането користење мобилни телефони и други електронски уреди.
Поради недостиг на соодветен простор во дел од училиштата, и годинава дел од матурските испити ќе се одржат во амфитеатри на факултетите. Директорката на ДИЦ, Даниела Јовчевска-Михајловска, изјави дека оваа година поголем број училишта побарале помош за обезбедување просторни услови, додека останатите испитите ќе ги организираат во спортски сали, холови и аули во своите училишта.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска и директорката на ДИЦ денеска ќе го посетат Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде што матурскиот испит ќе го полагаат учениците од СУГС „Васил Антевски-Дрен“.




































