Во Тирана денеска започна 29. Семинар на Работната група на словенските малцинства во Европа, кој се одржува во организација на Федералната унија на европските националности (ФУЕН) и Македонското друштво „Илинден“ – Тирана.
За првпат домаќин на овој меѓународен собир е Македонското друштво „Илинден“ – Тирана, кое во албанската престолнина пречекува 40 претставници од 20 организации и 11 европски држави – Албанија, Германија, Австрија, Словенија, Хрватска, Естонија, Украина, Унгарија, Србија, Италија и Словачка.
На свеченото отворање се обратија претседателот на Македонското друштво „Илинден“ – Тирана, Никола Ѓурѓај, и претседателот на Работната група на словенските малцинства и потпретседател на ФУЕН, д-р Хартмут Лајпнер.
Во рамки на семинарот беше одржан тематски панел посветен на положбата на македонското национално малцинство во Албанија, како и изложба на тема „Образование на мајчин македонски јазик во Република Албанија“.
Годинешното издание на семинарот е фокусирано токму на состојбата и правата на македонското национално малцинство во Албанија и ќе трае до 7 јуни.
На настанот учествуваат претставници на институции, академската заедница, политички партии и организации на националните малцинства во Албанија. Меѓу нив се комесарката за заштита од дискриминација во Албанија, Гента Тафа (Бунго), пратеничката во албанскиот парламент Етлева Будини, заменик-градоначалникот на Општина Пустец, Атанас Плоча, почесниот претседател на Македонската алијанса за европска интеграција, проф. д-р Кимет Фетаху, потпретседателот на партијата Ендрит Фетаху, универзитетскиот предавач Дејан Чулафиќ, директорката на организацијата „Хариет Мартино“, Ентела Бињаку, извршниот директор на НВО „За социјална правда“, Гентиан Сејрани, како и новинарот Ервин Никола, претставник на македонското малцинство во Албанија.
Македонското друштво „Илинден“ – Тирана од 16 мај 2015 година е член на Федералната унија на европските националности и на Работната група на словенските малцинства.




































