ФУДБАЛ – ФИФА
- „Фудбал АИ про“ ќе им овозможи детална анализа на натпреварите на сите 48 репрезентации на СП 2026, пишува ФИФА
Светското првенство (СП) во фудбал ќе воведе значајни технолошки иновации, овозможувајќи побрзи одлуки за офсајд и подобрени снимки од камерите на телото на судиите, но дополнително ќе ја демократизира фудбалската технологија со тоа што ќе обезбеди сите 48 репрезентации учеснички да имаат еднаков пристап до анализа на можностите и перформансите на натпреварите, без оглед на нивната големина или ресурси, пишува Светската фудбалска федерација (ФИФА). Директорот за иновации на ФИФА, Јоханес Холцмилер, ги истакна главните иновации на СП во Канада, Мексико и во САД. Една водечка иновација за СП е „Фудбал АИ про“ (Football AI Pro), генеративен асистент со вештачка интелигенција развиен за да им овозможи на репрезентациите да имаат корист од истите напредни аналитички можности пред и по мечевите. Холцмилер рече дека, претходно, ФИФА им обезбедувала на селекциите податоци во форма на извештаи на 50 или 60 страници за секој натпревар, но иако овие требало да бидат толкувани од аналитичарите на натпреварите, „Фудбал АИ про“ им олеснува на репрезентациите да ги извлечат информациите што им се потребни, пишува ФИФА.
– Веруваме дека ова би можело да помогне да се забрза овој процес и да се демократизира, бидејќи, како што можете да замислите, веројатно не секоја репрезентација учесник може да си дозволи огромен тим аналитичари на натпревари на светско првенство или да работи на тие податоци. Затоа, веруваме дека со тоа што ќе им обезбедиме на сите ист пристап до најновата технологија како оваа, се надеваме дека можеме да ја демократизираме и употребата, пристапот и придобивките од најновата технологија – рече Холцмилер, пренесе ФИФА.
Напредната полуавтоматизирана технологија за офсајд ќе биде првпат претставена на СП, овозможувајќи побрзи одлуки. За разлика од полуавтоматизираната технологија за офсајд што се користеше на СП 2022, каде што информациите беа испраќани директно до системот видеопомошник-судија (ВАР), чистите офсајди сега ќе бидат испраќани директно до судиите на натпреварот. За дополнително подобрување на точноста, секој играч ќе биде 3Д-скениран, а нивните дигитални аватари ќе бидат вклучени во полуавтоматизираниот технолошки систем за офсајд. Камерите за тело на судиите првпат беа употребени на клупското СП 2025 и пробното тестирање ги надмина очекувањата. Оттогаш, „Леново“ разви технологија што го намалува замаглувањето на движењето предизвикано од брзо движење, а стабилизираниот материјал сега обезбедува перспектива од прво лице со повисок квалитет за глобалната публика, подобрувајќи ја транспарентноста, разбирањето и ангажманот во текот на натпревар.
Холцмилер објасни и како судиите, селекциите, медицинскиот персонал и гледачите би имале корист од 16. оптички камери за следење, инсталирани на секој од 16. стадиони, произведувајќи над 150 милиони точки на податоци за следење по натпревар. Прво, податоците ѝ овозможуваат на ФИФА да го рекреира целиот меч во 3Д и да го направи тоа достапно за ВАР, особено корисно при процена за офсајд. Второ, овие податоци можат да им помогнат на судиите да утврдат дали топката ја поминала аут-линијата во подготовката за гол, а медиумските партнери можат да ги користат за прикажување на најважните моменти или цели натпревари во 3Д, пишува ФИФА. Во меѓувреме, Арт Ху, главен директор за информации во „Леново“, официјален технолошки партнер на ФИФА, сподели како нивната најсовремена технологија, иновации и експертиза придонесоа за клучните случувања, пишува ФИФА.
– Мислам дека тоа навистина беше совршено партнерство помеѓу ФИФА, која го носи фудбалскиот јазик, длабокото фудбалско знаење за тоа каде е и каде сака да оди, и „Леново“, кое донесе дел од технологијата, и навистина работевме заедно за тоа како можеме да го подобриме ова – рече Ху. Н.М.

































