- Градењето сојузништва претставува прашање на долгорочен државен интерес. Во таа насока треба да се гледа и зајакнувањето на односите со Хрватска, како и пошироката поддршка што земјата ја добива од држави истомисленички во Европа. Доколку оваа мрежа се прошири, Македонија би можела да се најде во поповолна позиција, со повеќе партнери што ги разбираат нејзините аргументи и заложби. Затоа македонската дипломатија треба да продолжи да ги продлабочува врските со земјите што имаат заеднички интереси. Колку повеќе заеднички интереси постојат, толку поцврста и поодржлива ќе биде поддршката во клучните моменти
Европската Унија веќе подолго време минува низ процес на политичко и геостратешко преструктурирање, во рамките на кој традиционалните центри на моќ сè потешко постигнуваат консензус за клучните прашања, па државите членки сè почесто се групираат во регионални сојузи, преку кои поефикасно ги изнесуваат сопствените приоритети. Најавата за проширување на Вишеградската група од четири на осум членки е уште еден показател за здружувачките тенденции на Стариот Континент. Доколку Хрватска, Австрија, Словенија и Романија се приклучат кон постојната група составена од Унгарија, Полска, Чешка и од Словачка, Европа би добила нов влијателен централноевропски блок што ќе има значително поголема политичка тежина во процесите на одлучување.
Во тој контекст, особено значење добива неодамна формализираното стратешко партнерство меѓу Македонија и Хрватска, со кое односите меѓу Скопје и Загреб влегуваат во нова подлабока фаза на политичка, економска и безбедносна соработка. Таквото здружување би можело да претставува можност за македонските ставови и позиции да добијат пошироко внимание во Брисел, бидејќи доколку Хрватска стане дел од поширок централноевропски блок, нејзината поддршка за Македонија повеќе нема да биде само билатерална туку би можела да се трансформира во поширока европска иницијатива поддржана од повеќе држави.
Во ситуација кога Македонија се соочува со застој во евроинтегративниот процес и со дополнителни билатерални условувања, поддршката од Хрватска има посебна тежина бидејќи таа релативно неодамна го помина патот до полноправно членство во Европската Унија и добро ги познава механизмите, процедурите и политичките предизвици што ги носи пристапниот процес. Дополнителна вредност на ова партнерство е фактот што Македонија и Хрватска немаат отворени историски или политички спорови што би ја оптоварувале меѓусебната соработка. Загреб може кредибилно и без резерви да ги застапува македонските позиции во европските институции. Изјавите на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ дека е неправедно Македонија повеќе од две децении да се соочува со блокади на својот европски пат претставуваат јасен сигнал дека Хрватска е подготвена поактивно да ја поддржува земјава.
Забележливо е дека Македонија покажува проактивност и креативност во евроинтегративниот процес, нудејќи различни решенија, дури и надвор од вообичаените рамки, како и начини за постигнување договор што би ги задоволил сите страни. Од друга страна, Европската Унија останува на својот став дека уставните измени се клучен предуслов за напредок, што уште еднаш беше потврдено при посетата на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, на Скопје.
Во такви околности, не може да се занемарат ниту заткулисните дипломатски активности во европски рамки, преку кои регионални актери со години настојуваат да ја претстават Македонија како проблематичен елемент што создава тензии или недоволно ги исполнува преземените обврски. Независно од различните толкувања на овие процеси, факт е дека перцепцијата во меѓународната политика има огромно значење. Токму затоа Македонија не смее да им ја препушти дипломатската иницијатива на другите, туку мора активно да ги афирмира сопствените позиции, постигнувањата во спроведувањето на реформите и конструктивниот пристап за соработка.
Затоа градењето сојузништва претставува прашање на долгорочен државен интерес. Во таа насока треба да се гледа и зајакнувањето на односите со Хрватска, како и пошироката поддршка што земјата ја добива од држави истомисленички во Европа. Доколку оваа мрежа се прошири, Македонија би можела да се најде во поповолна позиција, со повеќе партнери што ги разбираат нејзините аргументи и заложби. Македонската дипломатија затоа треба да продолжи да ги продлабочува врските со земјите што имаат заеднички интереси. Колку повеќе заеднички интереси постојат, толку поцврста и поодржлива ќе биде поддршката во клучните моменти.
Извесно е дека во новонастанатата европска реалност успехот нема да зависи само од тоа колку силно ќе ги браниме сопствените позиции, туку и од тоа колку мудро ќе ги избираме сојузниците. Македонија денес има можност истовремено да ги зајакнува своите институции и да гради мрежа на европски сојузници. Во таква комбинација со внимателно избрани сојузништва и активна дипломатија лежи вистинската шанса за напредок.

































