Фото: „Нова Македонија“

ФУДБАЛ

  • Аудиоизвестување во реално време ќе биде испратено до помошник-судијата ако играч е повеќе од 10 см во офсајд, ФИФА одобри употреба и на технологија што може да утврди дали топката излегла од игра пред да биде постигнат гол, чип во топката ќе му овозможи на ВАР да провери дали корнерот бил правилна одлука, судиите ќе имаат помош и за ситуации со офсајд кога е спречен погледот на голманот…

Одложеното кревање знаме за офсајд би можело речиси да стане минато откако Светската фудбалска федерација (ФИФА) претстави нова технологија што ќе се користи на Светското првенство, кое почнува идната недела, пишува „Би-би-си“. ФИФА ќе воведе напредна полуавтоматизирана технологија за одредување офсајд за системот видеопомошник-судија (ВАР), кој треба да донесува одлуки побрзо и да значи дека помошникот може да го крене знамето наместо да чека да се одигра акцијата.
Аудиоизвестување во реално време ќе биде испратено до помошник-судијата ако играч е повеќе од 10 см во офсајд. Претходните верзии на технологијата тестирани на клупското Светско првенство и на Интерконтиненталниот куп ги известуваа судиите само ако играчот е повеќе од 50 см во офсајд. Судијата ќе остане задолжен за тоа кога да го крене знамето и да ја запре играта. Тие можат да го држат знамето спуштено ако се сомневаат дека имало дефект, но ФИФА вели дека технологијата има низа мерки за безбедност за да се спречат грешки, пишува „Би-би-си“.
Технологијата уште нема да може да ги одреди најмалите офсајди, а има ограничувања ако играчите се на земја или ако има неколку фудбалери премногу блиску еден до друг. Може да се користи само за позициски офсајд, а не за субјективни одлуки, оние што бараат толкување околу тоа дали играчот влијаел на противнички играч без да ја допре топката, пишува „Би-би-си“.
ФИФА се надева дека ќе отстрани дел од фрустрацијата што ја чувствуваат гледачите и играчите и ќе ги намали шансите за повреда поради непотребно продолжување на играта кога ќе се покаже офсајд. ФИФА, исто така, потврди дека ќе бидат креирани реалистични, 3Д-аватари на секој фудбалер, овозможени со вештачка интелигенција, за да се донесат поточни одлуки. Ова ќе значи дигитално скенирање на сите 1.248 играчи во 26-члените состави на 48-те репрезентации. Секој играч ќе влезе во комора за скенирање, нешто што треба да трае само една секунда и треба да се направи само еднаш за време на нивната фотосесија пред турнирот. Како резултат на тоа, на СП 2026 ќе се користат подобрени, појасни анимации за офсајд.
ФИФА, исто така, одобри употреба на технологија што може да утврди дали топката излегла од игра пред да биде постигнат гол. Ќе се креира 3Д-анимација, исто како и со технологијата за гол-линијата, која може да ја покаже точната позиција на топката. Чипот во топката ќе покажува кој играч последен ја допрел топката, што треба да му овозможи на ВАР да провери дали корнерот бил правилна одлука. ФИФА ја прошири и „3Д-рекреацијата во реално време“ за да ги направи побрзи и појасни процените за офсајд според „линија на гледање“. Постојат два виртуелни канала, достапни за ВАР и за ТВ-гледачите, кои ги реплицираат перспективите на двата голмана. Имаше неколку вакви ситуации со офсајд сезонава каде што имаше прашања дали погледот на голманот бил спречен, пишува „Би-би-си“. Ова има цел да му даде на ВАР дополнителна алатка за да ја донесе таа одлука. Н.М.