Фото: МВР

Министерството за внатрешни работи од денеска до 7 јуни спроведува засилени сообраќајни контроли насочени кон возачи на возила со две тркала – мопеди, мотоцикли и електрични тротинети, како дел од заедничка акција на Асоцијацијата на европски сообраќајни полиции – ROADPOL, во која учествуваат 34 европски земји.

Како што соопшти МВР, контролите ќе бидат фокусирани на користење соодветна заштитна опрема, техничката

исправност на возилата, правото на управување, како и почитување на сообраќајните правила и прописи.

– Имајќи предвид дека се наоѓаме во период кога поради топлите денови овие возила интензивно учествуваат во сообраќајот, сообраќајната полиција ќе презема засилени контроли со превентивно-репресивни мерки на патиштата низ целата држава – велат оттаму.

Целта на акцијата е зголемување на безбедноста во сообраќајот и намалување на бројот на сообраќајни незгоди.

Министерството апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите и да придонесат за зачувување на сопствената и безбедноста на останатите.