На денешната прес-конференција премиерот Христијан Мицкоски ги претстави најновите економски резултати на Државниот завод за статистика, кои покажуваат дека Македонија повторно бележи раст на бруто-домашниот производ (БДП) меѓу првите пет земји во Европа според Еуростат.
– Сум целосно свесен за сложеноста на работите од реалниот живот и тешките околности со кои се соочуваат граѓаните. Ги разбирам проблемите, скапиот живот и секојдневните притисоци. Целта е да одиме чекор по чекор напред и грчевито да продолжиме да се бориме за подобар живот. Затоа што јас и сите ние мораме да веруваме дека можеме подобро и секој ден работиме Македонија да забрзува напред – истакна Мицкоски.
Првите бројки што ги претстави се од БДП, индустриското производство и новоотворените работни места.
– Седмиот квартал по ред, откако се консолидирани институциите, остваруваме раст на БДП кој се наоѓа најпрво во првата половина на Европа, а потоа и во првите пет земји според Еуростат. Ова не е показател на Владата, туку на Еуростат – потенцираше Мицкоски.
Во однос на индустриското производство, премиерот истакна дека во април оваа година е забележан раст од 7,6 проценти во споредба со истиот период лани. „Ова е добра вест за огромното мнозинство граѓани, особено во услови на епска енергетска криза која е поголема од онаа од 70-тите години на минатиот век и од кризата од 2022 година“, рече Мицкоски.
Тој нагласи и дека бројот на вработени е зголемен.
– Бројот на вработени е зголемен. На крајот од март имавме 707.385 вработени, што значи околу 16.000 нови работни места во првите 21 месец од работењето на Владата. Ова е добра вест за граѓаните кои сакаат стабилност и сигурност на пазарот на труд – рече тој.
Премиерот додаде дека успехот на економијата не е резултат само на наследени услови, туку на посветена работа, решителност и јасни приоритети.
– Покажуваме дека со скромни ресурси можеме да направиме многу. Обезбедуваме инвестиции и отвораме нови работни места. Ние мораме да обезбедиме напредок и да ги оставиме изговорите – истакна Мицкоски.
Тој подвлече дека Владата останува посветена и на борбата против корупцијата, со цел правилата и правдата да важат за сите.
– Економскиот раст и зголемувањето на БДП не се само бројки – тие се доказ за нашата работа, инвестиции и заедничка посветеност кон подобра иднина. Целта е силна, стабилна и конкурентна економија што ќе создава нови работни места, повисоки плати и подобар животен стандард за сите – заклучи Мицкоски.

































