Фото: Маја Јаневска Илиева

Премиерот Христијан Мицкоски денеска на заедничката прес-конференција со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта истакна дека Македонија останува цврсто посветена на европскиот пат, но очекува кредибилен и предвидлив пристапен процес заснован на заслуги и реформи.

 – Не бараме привилегии, ниту олеснети правила. Бараме принципи и процес во кој реформите, трудот, заслугите и исполнетите обврски ќе бидат вистински вреднувани – рече Мицкоски.

Тој нагласи дека Владата останува фокусирана на спроведување на реформската агенда, јакнење на институциите, економска стабилизација, привлекување инвестиции и подобрување на јавните услуги.

Според премиерот, на средбата со Кошта отворено се разговарало и за чувството на неизвесност кај граѓаните по долгогодишниот процес на евроинтеграција.

 – По години чекање, компромиси и исполнети барања, природно е граѓаните да очекуваат поголема извесност. Денес се потребни лидерство, јасност и доверба – истакна Мицкоски.

Тој додаде дека Европа била најсилна кога покажувала визија, политичка храброст и доследност кон сопствените вредности.

На средбата станало збор и за економската интеграција, инфраструктурното поврзување, енергетската сигурност, инвестициите и отворањето нови можности за младите.

 – Европската интеграција не е апстрактна политичка тема. Таа значи подобро образование, поквалитетно здравство, ефикасни институции, сигурни работни места и повисок животен стандард – нагласи премиерот.

Во обраќањето, Мицкоски му порача на Кошта дека верува во партнерски дијалог, меѓусебна почит и заемно разбирање, но и дека достоинството, идентитетот и принципиелноста не смеат да бидат пречка за европската перспектива.

Од своја страна, Кошта повтори дека усвојувањето на уставните измени останува предуслов за формален почеток на пристапните преговори со Европската Унија.

Претседателот на Европскиот совет денеска престојуваше во Скопје во рамки на регионалната турнеја низ Западен Балкан, пред самитот ЕУ–Западен Балкан што ќе се одржи на 5 јуни во Тиват.