Фото: Маја Јаневска-Илиева

РАКОМЕТ

  • Клубот покрај брегот на Охридско Езеро стигна до трофејот со 11 победи на 12 меча. „Од првото издание на Европскиот куп во 2020 година, клуб од истата држава никогаш не успеал да го одбрани трофејот. Овој втор триумф ја става Македонија на 4. место на сите времиња меѓу нациите со најмногу победи во Европскиот куп“, пишува ЕХФ

Ракометарите на ГРК Охрид испишаа нова македонска историја во европскиот ракомет, триумфално освојувајќи го првото место во Европскиот куп (ЕК) на Европската ракометна федерација (ЕХФ) за сезоната 202520/26 и се запишаа со златни букви во книгата на освојувачи на европски трофеи. Во големото финале, одиграно во преполната сала „Билјанини извори“, пред своите бучни навивачи приредија голема прослава, совладувајќи го вторпат унгарскиот претставник Татабања со 31-25, по минималната победа на гости со 29-28, што само зборува за доминацијата на охриѓани. Славеничкиот пехар високо кренат во рацете на искусниот капитен Гоце Ојлески, кој му предаде потпретседателот на ЕХФ, Предраг Бошковиќ, блескаше со уште поголем сјај по големата еуфорија по мечот. ГРК Охрид, предводен од искусниот српски стратег Борис Ројевиќ, го повтори успехот на Алкалоид лани во ова натпреварување, трето по квалитет во европските купови. Трофејот остана во Македонија.
– Пресреќен сум што дојдов овде. Благодарност до сите во клубот, до навивачите, ваква атмосфера, бразилска, која траеше откако влеговме на терен, па до крајот, не сум доживеал досега. Таа нѐ носеше. Благодарност и до Македонија, оваа година ќе ја носам во срцето цел живот. Момците секој тренинг даваа максимум, работеа напорно. Тешко беше, изгубивме играчи, добивме и црвен картон, игравме со два средни бека 45 минути, но нашето срце и навивачите ни го донесоа првиот европски трофеј. Ние сме најубедлива екипа во овој куп и го заслуживме сето ова – изјави Ројевиќ по триумфот.
ГРК Охрид доминираше во ова натпреварување сезонава и заслужено стигна до трофејот, забележувајќи вкупно 11 победи на 12 натпревари, со што уште еднаш покажа дека ракометот во Македонија е број еден екипен спорт, а и во Европа игра сѐ позабележителна и конкурентна улога. Така, по женската екипа на Кометал Ѓорче Петров и машката екипа на Вардар, кои триумфираа еднаш, односно двапати во најсилното клупско натпреварување, Лигата на шампионите (ЛШ), потоа Алкалоид лани во Европскиот куп, Македонија со ГРК Охрид го доби и четвртиот победник во куповите на ЕХФ, а Македонија петтиот шампионски трофеј, што претставува извонреден успех за македонскиот ракомет.
Клубот покрај брегот на Охридско Езеро славеше над сите конкуренти пред себе сезонава, Баку од Азербејџан беше победен со 44-11 и со 38-21, Слога Добој од БиХ со 37-19 и 32-18, Дукла Прага од Чешка со 30-21 и 30-24, Олимпијакос од Грција со 31-26 и 25-24, а најтежок ривал беше словенечкиот клуб и поранешен европски првак Целје, кој во драматична завршница беше совладан со вкупно еден гол повеќе, пораз со 26-27 и победа со 29-27.
– Првпат во историјата Охрид го освои Европскиот куп на ЕХФ, а клучен за успехот беше совршениот домашен резултат, оти охриѓани победија на седум од седум натпревари. Историјата на тој начин се повторува. Прво, тимот што победил во првиот меч во финале секогаш го освојувал трофејот. Второ, македонски клуб го освои Европскиот куп втора сезона по ред, откако Алкалоид ја освои титулата пред една година. Од првото издание на Европскиот куп во 2020 година клуб од иста држава никогаш не го одбрани трофејот. Овој втор триумф ја става Македонија на четвртото место на сите времиња меѓу нациите со најмногу победи во Европскиот куп, заедно со Данска, Србија, Шведска, Грција и Норвешка, а само зад Романија (седум титули), Германија (шест) и Португалија (три) – пишува ЕХФ на својата интернет-страница. Г.И.