Илустрација / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Долги колони возила, десетици туристички автобуси и повеќечасовни задржувања на граничниот премин Евзони/Богородица ја одбележаа денешната состојба на грчко-македонската граница, јавуваат медиумите од Солун. Причина за метежот се новите биометриски проверки во рамки на системот за влез и излез на Европската Унија (ЕЕС), пренесе МИА.

Според локалните медиуми, патниците во патничките возила чекале околу два часа за влез во Грција, додека туристичките автобуси биле задржувани и повеќе од пет часа.

Солунскиот информативен портал „Тес“ објави дека на граничниот премин биле забележани километарски колони, возачи кои барале засолниште од високите температури и семејства со мали деца кои со часови чекале под отворено небо.

-И покрај непријатностите, ситуацијата останува мирна, но незадоволството кај патниците е очигледно. Дел од нив дури велат дека нема повторно да ја посетат Грција поради ваквиот почеток на годишниот одмор – наведува порталот.

Поради големиот број автобуси и долгите задржувања, надлежните привремено наредиле за патниците во туристичките автобуси повторно да се применува стариот систем на проверки со цел да се намали метежот и да се забрза протокот на границата.

Порталот „Вориа“ оценува дека доцнењата се директна последица од имплементацијата на новиот ЕЕС-систем, кој предвидува електронска и биометриска регистрација на државјани од земји што не се членки на Европската Унија.

Во четвртокот, заменик-министерот за внатрешни работи на Грција, Константинос Гулекас, одржал состанок посветен на состојбата на граничните премини Евзони и Кипи, при што биле разгледани можности за забрзување на контролите преку дополнително зајакнување на информатичките системи и воведување привремени технички решенија.

Министерот за заштита на граѓаните на Грција, Михалис Хрисохоидис, изјави дека земјата е обврзана да ја спроведува европската регулатива, посочувајќи дека Европската комисија инсистира на целосна примена на новиот систем. Тој додаде дека добил поплаки од колегите од Северна Македонија и Србија во врска со проблемите што ги предизвикува новиот режим на проверки.

Според Хрисохоидис, предизвиците се поврзани и со самата биометриска регистрација и со ограничувањата на постојната гранична инфраструктура во Грција.