Време е за отворање на вистините за независноста

Владата на Република Северна Македонија најавува за септември богата забавна програма, со што ќе почне одбележувањето на 35-годишнината од целосното и дефинитивно осамостојување на Република Македонија. На 8 септември 1991 граѓаните во огромно мнозинство гласаа за независност на Република Македонија, која денес официјално има меѓународна регистрација со додавката Северна. Предвидени се концерти, музика, песни и ора, спектакли, огномети, манифестации што ќе дишат во духот на празникот и во духот на погледите на власта. Сигурно ќе има свечени говори, евоцирање спомени, ќе бидат искажани низа вистини и, најверојатно, исто толку лаги. Како во секој говор, впрочем.
Триесет и пет години не се многу време во животот на една личност. Според македонските статистики, тоа е половина живот. Толку години на една држава се само капка во текот на историјата. Композицијата по независноста до ден-денес е искреирана само до половина. Останати се многу недоречени вистини, необјаснети настани, недефинирана улогата на низа личности. Имајќи во вид дека никогаш не е доцна нешто да се дополни и доискаже, триесет и петгодишнината е вистинска можност да се стори тоа. Од тој бурен историски период на Македонија речиси нема документи што биле класифицирани под државна тајна или со назначени рокови на тајност. Нема временско ембарго.
Мора да е интересен живописот како Република Македонија го премина Црвено Море, патот што водеше до ветената земја. Дали тоа беше некој подвиг на Мојсеј, дали нужност предизвикана од околностите или мудрост на еден народ што ја избегна војната и дојде на своето. Одвојувањето од заедничката држава Југославија не беше лесен чин. Беше многу посложено одошто изгледаше за обичниот човек. Усвитеноста на состојбите ја носеше Македонија на раб на војна со ЈНА или блиску до граѓанска војна. Народот, граѓаните се спасија од пролевање крв, од братоубиства што висеа во воздухот, среќа што не се запали тој воен оган во кој Македонецот и неговата држава ќе беа најголеми жртви.
Историјата може да нѐ лаже нас, но ние не би требало да ја лажеме историјата на осамостојувањето и лажна да им ја оставиме на идните генерации. Да не ја лажеме историјата денес – тоа е обврската на оваа и на идните влади. На оваа генерација што не смее зад себе да остава нови петна. На едната или на другата голема партија, на едната или другата власт. И додека сѐ уште има живи учесници и сведоци што со жив збор или со пишани мемоари искрено, навистина искрено, би ги соопштиле вистините. Не со лакировки, не завиени во целофан, не со воздигнување на сопствената улога и потценување на туѓата. И секој, според заслугите и делата, да ги добие пофалбите или критиките, заслуженото место во историјата.

Ниедна историја за независноста нема да биде вистинита сѐ додека не се отворат архивите и личните досиеја на учесниците во тие настани, чувани во Министерството за внатрешни работи, во подрумите на тајните служби. Се разбира, доколу тие архиви и досиеја се зачувани во оригиналната форма, ако не се преправани, доправани и слично, како што правеше Комисијата за лустрација. Кој бил следен, прислушуван, кој контактирал со странски служби, кој подготвувал атентати, низ овие елементи ќе се види скршеното огледало наместо идеалната слика. Таму сигурно има купишта фасцикли што говорат за тие огнени денови, за улогата на одредени личности, за дејствувањето на странските агентури. Сеќавањата бледнеат, настаните се замаглуваат, но добро е, чесно е, барем само да се укаже на чистите, несомнени, регистрирани факти.
Време е да се отворат и разјаснат пред очите на јавноста аферите „Дувло“ и „Сина птица“, досието на ВМРО и други досиеја што ги водеа тогашните безбедносни органи. Меѓу нив и конспиративните контакти со Софија како собирен центар и влијателен советодавец. Врски што не се исклучени до денес, пипала што ги допираат и денешните крајно влошени односи меѓу двете држави.
Од друга страна, многу интересно би било да се објават и документите од кабинетите на претседателот на државата да се видат писмени одлуки за внатрешните односи и за односите со другите држави, релациите и преписките со меѓународните организации, да се објават разговорите со странските соговорници, разните емисари што доаѓаа во Македонија со разни предлози и понуди, политички и финансиски. И низ тие два преплета најверојатно ќе се види дека бугарските актуелни позиции не се од сега, тие се од првиот ден на независноста. Таа река допрва треба да исфрла на брегот нови факти.
Пред пет години, по повод годишнината, беа одржани и две манифестации со иста цел, но со различен пристап. Едната беше формалната трибина во Владата, другата научниот собир во Македонската академија на науките и уметностите, кој имаше амбиции да направи осврт од 1941 до 2021 година. Но таа цел ја постигна само делумно. Владата на СДСМ уплашена за сопствената судбина направи сѐ да го минира тој собир уште пред да почне. Сега, во помирна атмосфера, може да се стави акцент токму на првите години од независноста, вклучувајќи ја битката за тоа извојување.
Има една максима што вели дека никој не би требало да се плаши од вистината. Вистините за процесите за реализација на независноста, со сите нејзини детали, ќе се појават кога тогаш. Ќе биде разјаснета и улогата на тогашното државно и владино раководство. Особено на партиите, на оние што сѐ уште постојат и на оние, кои по одигрувањето на дадената улога, нивната употреба или злоупотреба, исчезнаа од политичката сцена. И улогата на нивните лидери, секако.

Сакале-нејќеле, со текот на времето ќе се крева маглата од тие први денови и први години на независноста на Македонија. Ако не го направи тоа оваа генерација, ќе го направи следната, која може да суди многу пообјективно, дури и посурово од денешната. Секако дека Осми септември, денот на референдумот, е една од клучните, политички највозвишените точки. Но со тој ден не почна само славата. По тој ден на површина се појавија поголемите проблеми, дел предвидени, дел неочекувани.
Република Македонија исплива жива-здрава благодарение на многу фактори, дури и на оние што не ѝ одеа во прилог. Еве, поминаа триесет и пет години од тој ден, државата го живее својот сѐ уште несигурен уставотворен живот. Движејќи се низ долгорочни кризи со низок интензитет, не успевајќи да се вклучи во европските интеграции и покрај многуте направени државотворни и национални отстапки. Ги смени знамето и Уставот, го смени и официјалното име, но сепак стана зад затворени европски цивилни врати. Преку НАТО, воените ги отвори, цивилните не.
Но она што е суштина е состојбата што Република Северна Македонија, гледано во целост, наместо да се движи кон подобро, кон подобра меѓународна положба, кон поуспешен општествен просперитет, кон поголем стандард на граѓаните, се спушта на долните скали. Незадоволството на граѓаните не стивнува, сиромаштијата не се намалува, скапотијата царува, оптимизмот тешко се поткрева.
Триесет и петгодишнината може да биде пресвртна точка. Само ако се умее да се искористи. Да се затвори минатото, да се отворат капиите на иднината.