Германија, Норвешка, Холандија и Европската Унија ги повикаа руските амбасадори на разговор откако Москва се закани со нови напади врз Киев и ги повика странските државјани, вклучително и дипломатите, да го напуштат украинскиот главен град.
Портпарол на Европската комисија изјави дека Русија се обидува да создаде паника и страв во Украина, но нагласи дека Киев нема да остане изолиран.
-Русија се обидува да внесе страв, но нашата порака е јасна – тоа нема да се случи – изјави портпаролот на ЕК.
Од Брисел предупредија дека нападите врз цивилни цели претставуваат воено злосторство и порачаа дека одговорните ќе сносат последици за кршење на меѓународното право.
Во меѓувреме, претседателот на руската Државна дума, Вјачеслав Володин, предупреди дека Русија би можела да употреби нуклеарно оружје доколку украинските напади продолжат врз руско цивилно население.
Руското Министерство за надворешни работи вчера ги повика странците да го напуштат Киев поради најавените напади врз објекти на украинската одбранбена индустрија. Москва тврди дека нападите се одмазда за украинскиот напад со дронови врз објект во Старобелск, во Луганската област, при што загинале 21 лице.
По наредба на рускиот претседател Владимир Путин, руските сили започнаа масовни напади врз Украина, при што беше употребена и балистичка ракета со среден дострел „Орешник“. Особено интензивни беа нападите врз Киев.
Генералштабот на украинската армија соопшти дека нападот бил насочен кон команден центар за беспилотни летала.
Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров во телефонски разговор го информирал американскиот државен секретар Марко Рубио за претстојните напади, додека украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха ги оцени руските пораки како уцена и ги повика странските дипломати да останат во Киев.
Според украинските власти, руските сили синоќа лансирале повеќе од 100 беспилотни летала и две балистички ракети кон украинска територија.

































