На Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство вчера била донесена малолетничка со породилни болки, по што полицијата ја привела нејзината мајка, а со таткото бил извршен службен разговор, пренесе МИА.
Како што соопшти Министерство за внатрешни работи, на 24 мај во 15.50 часот, полициски службеници од СВР Скопје ја лишиле од слобода 38-годишната С.К. од Скопје, постапувајќи по претходна пријава од Клиниката.
Од установата во 13.40 часот пријавиле дека кај нив била донесена малолетната ќерка на С.К. со породилни болки.
Со таткото на малолетничката, 38-годишниот Б.К., бил извршен службен разговор, а за случајот бил известен и јавен обвинител.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за расчистување на настанот и дека по целосно документирање ќе следува соодветна пријава.

































