Петер Маѓар / Фото: ЕПА

Унгарскиот премиер Петер Маѓар соопшти дека Будимпешта се откажува од претходната одлука за повлекување од Меѓународен кривичен суд (МКС), јави германската новинска агенција ДПА.

„Владата се откажува од намерата за напуштање на МКС“, напиша Маѓар во објава на социјалната мрежа Икс, без дополнителни детали.

Меѓународен кривичен суд, со седиште во Хаг, од 2002 година ги процесира најтешките меѓународни злосторства, меѓу кои геноцид, воени злосторства и злосторства против човештвото. Доколку Унгарија го реализираше повлекувањето, ќе станеше првата членка на Европската Унија што ја напуштила институцијата.

Претходно, владата на Виктор Орбан во април 2025 година објави дека има намера да се повлече од Римскиот статут – основачкиот договор на МКС, а парламентот во мај истата година го одобри тој чекор. Повлекувањето требаше официјално да стапи во сила на 2 јуни 2026 година.

Одлуката беше донесена за време на посетата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на Будимпешта. Против Нетанјаху, како и против тогашниот израелски министер за одбрана Јоав Галант, МКС има издадено потерници за наводни воени злосторства поврзани со војната во Појасот Газа.

Орбан тогаш порача дека Унгарија нема да постапи по налогот за апсење, а неговата влада го обвини Судот дека „се деградирал во политички инструмент“.