Фото: Маја Јаневска - Илиева

УКИМ не треба да биде само институција што реагира на промените, туку институција што ги предвидува и ги насочува, порача денеска ректорката на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ Биљана Ангелова на свеченоста по повод 77 години од постоењето на универзитетот, истакнувајќи дека иднината на УКИМ треба да се темели на европски модел на управување, дигитализација, интернационализација и зајакнување на автономијата и академската слобода.

Ангелова во своето обраќање нагласи дека 77-годишното постоење на УКИМ претставува „77 години труд, посветеност и верба дека знаењето е сила што може да го менува и да создава подобро општество“.

– Тоа се илјадници приказни на млади луѓе кои влегле во нашите амфитеатри со доза на несигурност, а од нив излегле како лекари, инженери, правници, уметници, научници, но и како чинители на значајни општествени промени. УКИМ има долга и славна историја како државотворен универзитет во кој се создадени трајни вредности за нашето општество – рече Ангелова.

Таа посочи дека универзитетите денес се соочуваат со повеќекратни предизвици – климатски промени, демографски промени, геополитичка нестабилност и забрзан технолошки развој, додека вештачката интелигенција веќе го трансформира речиси секој аспект од човековото делување. Според неа, иднината на универзитетот треба да биде заснована на поврзување на досегашните достигнувања со нова развојна ориентација усогласена со европскиот модел на управување во високото образование.

– Знаењето и информациите се подостапни од кога било, но тоа отвора нови прашања, односно како да се разликуваат веродостојни информации од дезинформации, како да се развива критичко мислење и етички пристап, и како да се подготват студентите за работни места што сè уште не постојат … Целта е УКИМ да стане уште попрепознатлив по својата култура на дијалог, хуманистичките вредности и подготвеноста да биде предводник на промените. Во таа смисла, УКИМ не треба да биде само институција што реагира на промените, туку институција што ги предвидува и ги насочува. Токму тоа е суштината на универзитетската автономија, не само право на одлучување, туку и обврска за делување во корист на заедницата – рече Ангелова.

Потсети дека во изминатиот период бил воспоставен комплетен систем на дигитални услуги за студентите и дека УКИМ е подготвен за воведување електронски индекс, а бројот на меѓународни проекти е тројно зголемен во рок од две години. – Станавме дел од Алијансата „ACROSS“, која во 2025 година стана дел од европските универзитетски алијанси и го доби статусот Европска алијанса, поддржана од Европската комисија – рече Ангелова.

На одбележувањето денеска присуствуваше и министерката за образование и наука Весна Јаневска која истакна дека УКИМ во текот на своето постоење дал значаен придонес во развојот на државата преку кадрите што ги создавал.

– Чесно е да се каже дека во овие 70 години постоење, универзитетот има дадено значаен придонес во развојот на нашето општество, преку кадрите што ги создава – доктори, адвокати, инженери, професори, научни работници – кои ја граделе оваа држава и дале значаен придонес – изјави Јаневска.

Таа се заблагодари за соработката со професорите од УКИМ и за нивната поддршка во реформските процеси и подготовката на новите законски решенија во областа на образованието.

– Искрено се надевам дека нашиот партнерски однос, кој го изградивме во овие две години, ќе продолжи и понатаму. Им благодарам на професорите од УКИМ за нивната соработка и поддршка на Министерството, како во реформите што се спроведуваат во овој момент, така и во сите други активности – рече Јаневска, пренесе МИА.

Претходно, во дворот на факултетите, беше положено свежи цвеќе на споменикот на Св. Кирил и Методиј.