- „Свињи“ е една мошне уникатна и иронична драма, која преку комбинација на апсурд, црн хумор и гротеска, го отвора прашањето за моќта, смислата, одговорноста, самотијата и за бегството од реалноста
Независниот театар „Златен Елец“ од Скопје неодамна започна со подготовки на дуодрамата „Свињи“ од Томислав Зајец во режија и адаптација на Тамара Стојаноска. Претставата е во копродукција помеѓу театарот „Златен Елец“ и Центарот за култура во Битола, но покрај матичната сцена за претставата, планот е да патува насекаде низ државата како дел од редовната практика на овој независен театар. Во претставата играат актерките Илина Чоревска и Викторија Степановска Јанкуловска, музиката е на Лука Тошев, а извршен продуцент на претставата е Бобан Алексоски.
– „Свињи“ е една мошне уникатна и иронична драма, која преку комбинација на апсурд, црн хумор и гротеска, го отвора прашањето за моќта, смислата, одговорноста, самотијата и бегството од реалноста. Ликовите, иако затворени во својот свет, ја рефлектираат нашата општествена потреба за контролирање на другите, за проектирање неуспеси и за создавање паралелни реалности во кои насилството се перципира како нужност, а не како зло. Делото се смета за една од најизведуваните драми на Томислав Зајец и важен дел од современиот хрватски драмски канон. Претставата не само што ќе ни раскажува една навидум комична приказна за две сестри туку и ќе бара одговори на многу суштински прашања поврзани со човековото постоење. Оваа приказна не е обид да се осудува, туку да се разбере, се обидува да се покаже како се раѓа насилство во свет што со генерации оди по истиот насилен пат без длабоки и суштински промени и практикување емпатија, отворајќи го прашањето – што значи да се биде човек во еден систем што се однесува како фарма?. „Свињи“ не е само драма или обичен комичен текст со апсурдни елементи – тоа е еден вид егзистенцијална состојба – вели режисерката Тамара Стојаноска во својата експликација за претставата.
Премиерата на претставата ќе биде на почетокот од јули во Битола, а потоа следуваат изведби низ државата и учества на фестивали. Проектот е поддржан во рамките на годишната програма на Министерството за култура и туризам.
Наредната недела, пак, во Скопје, овој независен театар продолжува со пробите за претставата „Теорема“ од Пјер Паоло Пазолини во режија и адаптација на Мирко Радоњиќ.
Во претставата играат актерите: Златко Митрески, Бобан Алексоски, Бранко Михајлоски, Ана Јовановска, Леонида Гулевска и Стефан Вујисиќ, драматург е Ева Камчевска, а костимите се на Лина Лековиќ. Премиерата на „Теорема“ е на 2 јули во Младинскиот културен центар – Скопје, а на 3 јули ќе има премиера на отворено во „Сули-ан“ во рамките на „Скопско лето“.
Претставата е финансирана од „Хартефакт“, во рамките на проектот „Култура за развој“, поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка и Министерството за култура и туризам.
– Пјер Паоло Пазолини и неговата „Теорема“ за првпат се работат во македонскиот театар воопшто. Пазолини бил еден од највлијателните интелектуалци во повоена Италија – иако многумина надвор од Италија го познавале само како одличен кинематограф, тој е еден од најголемите италијански поети на својата генерација. Но тој бил и романсиер, драматург, литературен критичар, политички колумнист и сликар. Во 1968 година, Пјер Паоло Пазолини го снимил филмот „Теорема“, пишувајќи роман во исто време и со исто име. И двете дела, пресликувајќи се едно со друго, се потпираат на наративот на мистериозното. Мистериозниот посетител се појавува во животите на едно типично буржоаско италијанско семејство. Енигматичниот странец ги заведува сите членови на семејството: слугинката, синот, мајката, ќерката и таткото. Инаку, еднакво необјасниво како влегол во нивните животи – како што и заминал, секого од нив го остава поединечно да се соочува со неговото отсуство: пеколот на сопственото постоење или можноста за избавување. Според самиот Пазолини, ова дело е парабола, а според теоријата – рефлексија на напорите на авторот да се соочи (и помири) со своите христијански, марксистички и фројдовски размислувања – вели координаторот на проектот, Бобан Алексоски.
Претставата започна да се работи во декември минатата година.
Освен премиерите на претставите, театарот „Златен Елец“ ќе учествува на фестивалите МТФ „Војдан Чернодрински“, „Скопско лето“, „Нишвил“ – меѓународен театарски фестивал во Ниш, Србија, со претставата „Сина сенка“ од Брајан Рејнолдс во режија на Тамара Стојаноска, а ќе има гостувања и учества на фестивали и со другите нови или постари претстави.
































