РАКОМЕТ
- Регионалната лига за мажи ќе има по четири клуба од Србија и од Македонија и два од Црна Гора, а за жени по два од Црна Гора, Србија, Македонија, Хрватска и од Словенија
Во Подгорица (Црна Гора) е направен значаен исчекор за иднината на регионалниот ракомет со потпишувањето Договор за формирање регионални лиги во машка и во женска конкуренција. Договорот го потпишаа ракометните федерации на Црна Гора, Србија и на Македонија, потврдувајќи ја заедничката определба кон зајакнување на квалитетот на натпреварувањето, развој на играчите и унапредување на вкупниот ракометен амбиент во регионот, информираат од Ракометната федерација на Македонија (РФМ). Регионалната лига за мажи ќе има по четири клуба од Србија и од Македонија и два од Црна Гора, а Регионалната лига за жени по два од Црна Гора, Србија, Македонија, Хрватска и од Словенија.
Овој проект е важен чекор кон создавање поквалитетен и поконкурентен натпреварувачки систем, кој на клубовите ќе им овозможи поголем број силни натпревари, дополнителен развој на млади играчи и тренери, поголема медиумска видливост и посилен комерцијален потенцијал за ракометот во целиот регион. Посебна вредност на овој проект му дава фактот што станува збор за заедничка иницијатива на федерациите и на клубовите, заснована на партнерски однос, меѓусебна доверба и заедничка визија за развој на ракометот во Југоисточна Европа. Потписниците на договорот изразија уверување дека регионалните лиги уште од првите сезони ќе донесат нов квалитет, дополнителна атрактивност за навивачите и за спонзорите и ќе претставуваат силен поттик за понатамошен развој на ракометот во сите земји учеснички, пишува во соопштението на РФМ.
Во наредниот период ќе биде формирана заедничка канцеларија, ќе бидат дефинирани сите натпреварувачки и организациски модели и календарот. Ова е почеток на едно ново и амбициозно поглавје во регионалниот ракомет, со јасна цел, создавање модерно, стабилно и квалитетно регионално натпреварување, кое ќе биде гордост за сите учесници и за целиот европски ракомет. Г.И.
































