Од редакциски агол
Постојат порази што болат. Постојат финалиња што оставаат горчина. Постојат навивачки испади што ја преминуваат границата на спортскиот вкус. Но она што Македонија го виде на трибините за време на финалето во Купот не беше обичен инцидент. Тоа беше демонстрација на презир кон државата. И тука веќе не станува збор за фудбал.
Кога се исвиркува македонската химна, кога не се станува во чест на државните симболи, кога се скандираат пароли за „голема Албанија“, кога се испраќаат пораки за прекројување граници и понижување на сопствената држава, тогаш тоа не е навивање. Тоа е политичка порака. Со умисла и организираност. И опасна, се разбира.
Најстрашно од сè е што ова не беше изолиран испад на неколку поединци. Ова беше атмосфера. Организиран амбиент на омраза, нетрпеливост и отворено непочитување кон Македонија како држава.
Ако некој сака да навива за клуб, тоа е легитимно. Ако некој е разочаран од резултат, и тоа е легитимно. Но никој нема право, под превезот на спортот, да ја навредува државата во која живее, работи, заработува и се натпреварува. Особено е лицемерно кога тоа доаѓа од клуб што токму преку Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) игра во европските натпреварувања, добива лиценци, инфраструктура, медиумски простор и институционална поддршка. Да земаш од државата кога ти одговара, а да ја понижуваш кога губиш, тоа не е достоинство. Тоа е политички цинизам.
Одбивањето на играчите на Шкендија да ги примат сребрените медали е уште една слика што долго ќе остане запаметена. Не поради спортската тежина, туку поради пораката што ја испратија, дека не признаваат пораз, не почитуваат институција и не чувствуваат никаква обврска кон системот во кој функционираат.
Но не е суштината на проблемот ФК Шкендија. Групата „Балисти“, можеби, а тоа полесно се решава. Но навистина проблем би бил ако државата (повторно) премолчи. Македонија предолго живее со стравот дека секоја реакција против екстремизмот ќе биде прогласена за етничка нетолеранција.
И токму поради тој страв, со години се толерираат навреди кон државата, кон химната, кон знамето, кон институциите. Ниту една сериозна европска држава не би дозволила организирано исвиркување на химната и сепаратистички пораки без жестока реакција. Ниту една!
Во Франција, Германија, Италија или во Шпанија ваквите сцени значат експресни санкции, кривични постапки, празни трибини и долгорочни забрани. Само кај нас сè уште се води дебата дали навредата кон сопствената држава треба да се „разбере во контекст“. Нема контекст за исвиркување на државната химна. Нема контекст за повици за туѓи знамиња и туѓи државни проекти на македонски стадион. Нема контекст за понижување на Македонија. И да бидеме јасни! Ова не е напад врз Албанците. Не е напад на албанскиот јазик, или образование, или историја… Напротив! Најголем дел од Албанците во Македонија не сакаат конфликти, поделби и радикализам. Но токму затоа е важно да се каже дека екстремистичките групи не смеат да зборуваат во име на цело едно многубројно малцинство! Бидејќи кога радикализмот ќе почне да се претставува како патриотизам, тогаш општеството почнува опасно да тоне.
Македонија може да има политички поделби. Може да има етнички несогласувања. Може да има различни ставови за историјата, идентитетот и за политиката. Но не смее да има дилема околу едно, а тоа е дали треба да се почитува државата. Кој не ја почитува химната, не ја почитува ни својата татковина, ни родниот крај, ни државата… А држава што не се брани себеси, почнува да се распаѓа однатре. Нема да се дозволи тоа! Р.Н.М.
































