Фото: „Нова Македонија“

За земјите-кандидати за членство во Европската Унија има прозорец со можности, но за тоа треба храброст, политичка волја, обединетост и многу реформи. Тоа вреди да се направи – порача денеска амбасадорот на Шведска во земјата, Ола Сулстром.

Сулстром на панел-дискусијата „Геополитичката димензија на проширувањето на ЕУ и импликации на Западен Балкан“ рече дека земјава припаѓа на Европската унија и дека вреди да се направат жртвите и реформите за таа да стане дел од ЕУ.

– Вие ќе одиграте клучна одлука, а ние како Шведска сме подготвени да ве поддржиме. Нашата поддршка за проширувањето е веќе јасна и ние сме подготвени да ве поддржиме – рече Сулстром.

Заменик-амбасадорката на Швајцарија, Михал Харари, порача дека регионот на Западен Балкан е од висока стратешка важност, но дека прогресот зависи од самите држави-кандидатки.

– Геополитичките случувања ја отвораат вратата за ЕУ, но реформите ќе покажат дали ќе се влезе преку таа врата – порача Харари.

Заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков порача дека Владата останува посветена на реформската агенда со акцент на владеењето на правото, борбата против корупцијата, реформите во јавната администрација и економската конкуретност.

– Нашата определба кон ЕУ е јасна, искрена и долгорочна, зборуваме не само за членство, туку за европеизација на општеството. Реформите не смее да останат само формална обврска, граѓаните сакаат да видат борба против корупцијата, правда, ефикасни институции. Токму затоа сме фокусирани на реформите – рече Трајков.

Потпретседателот на Собранието Антонијо Милошоски, осврнувајќи се на предлогот на германскиот канцелар, рече дека ова мора да биде земено предвид и земјите кандидати не треба да бидат инертни кон оваа констатација.

– Полноправно членство никој не нуди на тацна – овие две понуди покажуваат дека во ЕУ се свесни дека процесот не е лесен и затоа предлагаат побрзо, но постепено приклучување кон ЕУ – рече Милошоски.

Се надева дека Самитот на ЕУ што треба да се одржи во Црна Гора ќе даде можност за продуктивна дискусија на оваа тема.

Во предлогот на германскиот канцелар истакнува дека проширувањето станува геополитичка димензија што мора да биде земено предвид и земјите и кандидатите не треба да бидат интерни кон оваа констатација.

Полноправното членство никој не го нуди на тацна – овие две понуди покажуваат дека во ЕУ земјите-членки се свесни дека процесот не е лесен и затоа предлагаат побрзо, но постепено приклучување кон ЕУ.

Според лидерот на СДСМ и претседател на собраниската Комисија за евроинтеграции, Венко Филипче, земјава треба да го искористи моментот и да се донесат важни одлуки. Го повика премиерот Христијан Мицкоски заедно да ги донесат уставните измени и да ја споделат одговорноста.

– Да не го пропуштиме моментот, нема да имаме друга шанса, ќе останеме настрана. Доколку не се качиме на овој воз, можно е вратите да бидат затворени со децении – рече Филипче.

Пратеничката Иванка Василевска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека прашањето за интеграцијата на Западен Балкан е суштинско прашање и дека интеграцијата на регионот треба да се третира како превентивна политика.

– Постои проблем во конзинстентноста на самата политика на Европската Унија. Не смееме да дозволиме европската интеграција да стане процес да се преговара на политички план за идентитетот, јазикот, културата. Кога критериумите се менуваат во зависност од политичкиот момент, тогаш се губи довербата во процесот. Ние во изминатите децении покажавме сериозен реформски капацитет, донесовме тешки одлуки и носевме компримиси, затоа денес кај граѓаните постои чувство дека правилата не се секогаш исти за сите. Тоа чувство не смее да се потцени затоа што кога европската перспектива слабее, расте евроскептицизмот. Оттука, мислам дека денес Европа се наоѓа пред сериозен историски исчекор – дали Западен Балкан ќе биде периферија или ЕУ ќе покаже зрелост дека Западен Балкан е дел од неа – рече Василевска.