Новата транша во износ од 65,7 милиони евра за Македонија во рамките на планот за раст за Западен Балкан и механизмот за реформи и раст е резултат на координирана работа на институциите, на посветеноста на администрацијата, на политичката одговорност и на решителноста реформите да не останат само на хартија, туку да донесат конкретни резултати за граѓаните – истакна на денешната прес-конференција првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали.
– Република Северна Македонија обезбеди 65,7 милиони евра во рамките на планот за раст за Западен Балкан, инструментот за реформи и раст како резултат на реализираните реформи и конкретниот напредок што е постигнат во изминатиот период. Овој успех не дојде случајно. Овој успех е резултат на координирана работа на институциите, на посветеноста на администрацијата, на политичката одговорност и на решителноста реформите да не останат само на хартија, туку да донесат конкретни резултати за граѓаните. Денеска можеме со целосна одговорност да кажеме дека влегуваме во нова фаза на институционално функционирање, каде што резултатите се мерат преку конкретна реализација, ефикасност и способност да ги исполниме обврските што ги преземаме – рече Сали.
Министерот за европски прашање потенцира дека во третиот извештаен период државата пријавила 21 реализиран реформски чекор, од кои 16 чекори се позитивно оценети, а особено значајно е што три биле реализирани пред предвидениот рок.
– Тоа јасно покажува дека институциите не работат само за исполнување минимални рокови, туку се целосно ангажирани реформите да се реализираат навремено, сериозно и со долгорочна визија. Во овој мониторинг-циклус беа следени вкупно 44 реформски чекори. Од 29 чекори со рок до крајот на 2026 година, значителен дел веќе е реализиран, а институциите продолжуваат интензивно да работат и на чекорите што се во грејс-период до јуни и декември 2026 година. Она што денес е важно е дека државата се позиционира меѓу најуспешните земји во регионот во однос на реализацијата на реформската агенда и резултатите не се апстрактни. Тие веќе се видливи во конкретни области. Денес, имаме нова методологија за финансирање на основното и средното образование, интернет и ИТ-опрема во 160 основни училишта, унапредување на дигиталните услуги и електронската идентификација, реформи во управувањето со јавните финансии, поголема институционална транспарентност, намалување на бирократските процедури и поорганизирани инвестиции во човечкиот и дигиталниот развој – рече тој.
Овие реформи, како што потенцира Сали, не се само делот од европскиот процес, туку тие се директна инвестиција во функционалноста на државата и во квалитетот на живот на нашите граѓани.
– Од обезбедените 65,7 милиони евра, 30,6 милиони евра ќе бидат директно префрлени во државниот буџет, а другите средства ќе бидат наменети за развојни проекти и стратешки инвестиции преку инвестициската рамка за Западен Балкан. Тоа значи повеќе инвестиции во инфраструктурата, енергијата, дигитализацијата, образованието и во човечкиот капитал. Дополнително, овој резултат е доказ дека државата има капацитет не само да планира реформи туку и да ги спроведува во пракса – посочи тој.
Сали нагласи дека во период кога процесот на европската интеграција бара стабилност, одговорност и конкретни резултати, институциите покажале дека може да одговорат со сериозност и координација.
– Европската интеграција повеќе не е само политичка аспирација. Денес таа се претвора во конкретни инвестиции, поддршка и реални можности за нашите граѓани. Патот кон Европската Унија останува наш стратешки приоритет и долгорочна определба на државата. Ќе продолжиме да работиме со истата одговорност и динамика затоа што веруваме дека реформите не носат само напредок во европскиот процес, туку градат посилни институции и пофункционална држава за нашите граѓани. Ова е период во кој треба да покажеме институционална зрелост, реформски континуитет и единство за стратешкиот интерес на државата – рече тој.
Сали истакна дека токму резултатите што денес ги постигнува Владата се најдобар доказ дека кога постои јасна визија и конкретна работа, државата оди напред.
– Но сакам да бидам многу јасен и за уште една работа. Овој резултат не значи дека работата е завршена. Напротив, ова е дополнителен мотив да продолжиме со уште посилно темпо. Во наредниот период нè очекува сериозна работа, особено во реализација на чекорите што сè уште се во процес и во исполнувањето на реформите, што бара уште поголема институционална координација. Сепак, пораката што денес ја праќаме е многу јасна – имаме институционален капацитет, имаме администрација што може да испорачува резултати, имаме политичка волја за реформи. И одиме напред. Ние повеќе не зборуваме само за европски аспирации, туку зборуваме за конкретни резултати, конкретни реформи и конкретни придобивки за граѓаните. И токму тоа е патот по кој ќе продолжиме да се движиме – нагласи тој.
Одговарајќи на новинарско прашање дали може да се случи истото сценарио како што се случуваше со претходните планови, ИПА-фондови, во недостиг на проекти да се вратат парите во ЕУ, Сали потенцира дека Владата е посветена на исполнување на сите чекори на реформската агенда и оти не очекува некаков застој или пречка.
– Ние не можеме да правиме споредба на ниедна држава со друга, кои сме во Западен Балкан, затоа што спецификите на државите се разликуваат и начинот на преговарање и чекорите што беа проговорени и договорени со Европската комисија се разликуваат и на Албанија, и на Црна Гора, и на другите држави. Динамиката на реализацијата на чекорите исто така се разликува. Како држава и Влада, целосно сме посветени на исполнување на реформската агенда и на целосниот план за развој. Во овој дел не се очекува некој застој или пречка која би имала иста судбина со претходните програми што беа предвидени за наша интеграција во ЕУ – реформската агенда и планот за раст сметам дека се последната шанса за нашата држава да ги исполниме сите пет претходни чекори за исполнување на условите за почнување на преговорите со ЕУ – нагласи Сали.

































