Фото: Пиксабеј

Пронајдено е тело на жена со прострелна рана во главата, во Скопско, покрај неа пронајден е и пиштолот на нејзиниот сопруг, информираа денеска од Јавното обвинителство.

– Јавен обвинител при Основното јавно обвинителство Скопје и екипи на СВР Скопје извршија увид на самото место во село Копаница, Скопско, каде беше пронајдено тело на почината 37-годишна жена со прострелна рана во главата. По наредба на јавниот обвинител телото на починатата е дадено на обдукција, а се преземаат и други мерки и активности за целосно расчистување на случајот – соопштија од Обвинителството.

Покрај телото бил пронајден пиштол „глог 19“, сопственост на нејзиниот сопруг.

– Лицето веднаш беше обезбедено и Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материјали, по член 396 од Кривичниот законик – споделија од Обвинителството.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот и притворската мерка била прифатена од Судот.

Во меѓувреме, ОЈО Скопје и СВР Скопје продолжуваат да постапуваат, за целосно расчистување на настанот.