Самит помеѓу претседателите Си Џинпинг и Владимир Путин во Пекинг:
- Двајцата претседатели потпишаа заедничка изјава за понатамошно зајакнување на „сеопфатното партнерство и стратешката интеракција“ и друга декларација за промовирање „мултиполарен светски поредок“, при што истовремено го надгледуваат потпишувањето на најмалку 20 дополнителни договори што опфаќаат трговија, технологија и поширока соработка
Понатамошно продлабочување на стратешките и економски врски помеѓу Кина и Русија е предвидено преку низата меѓудржавни договори потпишани во рамките на средбата помеѓу рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот лидер Си Џинпинг, одржана вчера во Пекинг. Двајцата претседатели потпишаа заедничка изјава за понатамошно зајакнување на „сеопфатното партнерство и стратешката интеракција“ и друга декларација за промовирање „мултиполарен светски поредок“, при што истовремено го надгледуваат потпишувањето на најмалку 20 дополнителни договори што опфаќаат трговија, технологија и поширока соработка. Беше предвидено Путин и Си да разговараат и за актуелни геополитички прашања, вклучувајќи ги кризите во Украина и во Иран, како и односите со САД.
Ветени подлабока координација и непрекинато снабдување со енергенти
Поздравувајќи го Путин на средбата во Пекинг по повод 25-годишнината од кинеско-рускиот договор за добрососедство и пријателска соработка, претседателот на Кина ги пофали „непопустливите врски меѓу Москва и Пекинг“ и повика на понатамошна соработка меѓу Пекинг и Москва. Зборувајќи за време на церемонијата на потпишување на спогодбите во Големата сала на народот, претседателот Си Џинпинг рече дека Кина и Русија мора да останат „стратешки упоришта една за друга“ и вети подлабока координација во областите што вклучуваат вештачка интелигенција и технолошки иновации. Кина и Русија исто така треба да дејствуваат како „одговорни големи сили“ и да се спротивстават на „сите еднострани малтретирања и дејствија што ја менуваат историјата“, нагласи претседателот на Кина.
Путин, обраќајќи се по домаќинот на средбата, рече дека Русија е подготвена да продолжи со непрекинато снабдување со нафта и гас за Кина и ја опиша билатералната трговија како изолирана од „надворешно влијание“ и нестабилност на глобалните пазари, според медиумските извештаи.
Обновени плановите за гасовод помеѓу Русија и Кина
Владимир Путин и Си Џинпинг ги обновија плановите за гасовод меѓу Русија и Кина, со постигнато „општо разбирање“ за проектот, според изјава од руската делегација, иако досега не се дадени детали за проектот или временска рамка за негово завршување. Станува збор за долго најавуваниот гасовод „Моќта на Сибир 2“, вреден повеќе милијарди долари што Москва го смета за клучен за пренасочување на извозот на гас од Европа кон Кина по избивање на војната во Украина.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, им рече на новинарите дека „основните параметри на разбирање“ за гасоводот се воспоставени, вклучувајќи ги неговата маршрута и методот на изградба. Тој не понуди дополнителни детали и рече дека нема јасна временска рамка за мегапроектот бидејќи „допрва треба да се средат одредени нијанси“.
Станува збор за гасовод долг околу 2.600 километри што ќе се протега од полуостровот Јамал во северен Сибир преку Монголија до Кина – копнена алтернатива на суровата нафта увезена по море од Блискиот Исток. Откако ќе биде завршен, се очекува гасоводот да пренесува до 50 милијарди кубни метри гас годишно до Кина, преку Монголија, од гасните полиња на руски Јамал. Ова е околу 12 отсто од вкупната потрошувачка на гас во Кина, врз основа на процените за 2025 година.
За време на претходната посета на Путин на Кина во септември минатата година, рускиот гасен гигант „Газпром“ соопшти дека двете земји се согласиле да продолжат со гасоводот „Моќта на Сибир 2“.
Пекинг се позиционира како центар за најважните геополитички состаноци
Средбата се одржа четири дена откако американскиот претседател Доналд Трамп го напушти Пекинг по неговиот самит со кинескиот домаќин Си Џинпинг. Самитот проектираше слика за продлабочување на политичката усогласеност меѓу Пекинг и Москва во состојба на глобални превирања и геополитичка нестабилност.
– Времето на оваа посета навистина добро се покажа за Пекинг, бидејќи Кина изгледа како центар на светот каде што се одржуваат најважните геополитички состаноци – изјави Темур Умаров, соработник во берлинскиот центар „Карнеги“. Р.С.
Заедничка осуда за прекините во синџирите на снабдување
Кина и Русија ги повикаа земјите да престанат со „едностраното“ мешање во меѓународната трговија и синџирите на снабдување, што се поврзува со затворањето на Ормускиот Теснец – во дополнителни коментари од заедничката изјава објавена од Кремљ.
– Страните со загриженост забележуваат дека едностраните дејствија на поединечни држави, меѓудржавни здруженија и нивните сојузници што го попречуваат меѓународниот превоз ги загрозуваат интегритетот на глобалните синџири на снабдување и поморската трговија воопшто – се вели во соопштението.
Во текстот не се наведува експлицитно клучниот воден пат, но понатаму се повикува на „соработка во поморската инфраструктура, како што се пристаништата, што треба да се базира на пазарни принципи и комерцијални принципи за да се избегне политизација и прекумерен акцент на безбедносните прашања“. Р.С.
„Росатом“ потпишува три „нуклеарни“ меморандуми во Кина
За време на посетата на рускиот претседател Владимир Путин на Кина, „Росатом“ ќе потпише три меморандуми, вклучувајќи еден за истражување во областа на нуклеарната фузија, изјави генералниот директор на руската корпорација Алексеј Лихачев.
– Три меморандуми се подготвени за потпишување пред посетата на Путин – изјави Лихачев за новинарите.
Меѓу другото, станува збор за меморандум за развој на човечки ресурси за потребите на нуклеарната енергија. „Росатом“ е подготвен да го сподели своето искуство во оваа област.
– Потпишуваме договор со Министерството за наука и технологија за соработка во областа на термонуклеарната енергија, истражувањето – додаде тој. Р.С.
Руско-кинеска инвестициска комисија има во план од билатерална да стане трилатерална, заедно со САД
- Веруваме дека во рамките на партнерството со Кина има простор за заеднички проекти со американски инвеститори, изјави во јавноста специјалниот претставник на рускиот претседател за инвестиции и економска соработка со странски земји и генерален директор на Рускиот фонд за директни инвестиции, Кирил Дмитриев, најавувајќи дека наскоро ќе бидат објавени „три нови големи партнерства“!
Москва активно развива инвестициски и економски односи со водечките земји во светот, при што Кина го зазема местото на „најмоќниот стратешки партнер на Русија“, изјави специјалниот претставник на рускиот претседател за инвестиции и економска соработка со странски земји и генерален директор на Рускиот фонд за директни инвестиции, Кирил Дмитриев. Според него, заедничката руско-кинеска инвестициска комисија моментално вклучува повеќе од 90 проекти со вкупна вредност од 18 милијарди рубли (апроксимативно 218 милиони евра).
– Зборуваме за проекти во инфраструктурата, енергетиката, логистиката и другите сектори. Гледаме дека постои сеопфатно инвестициско партнерство меѓу Русија и Кина – рече Дмитриев.
Тој нагласи дека Русија има силни конкурентски предности, не само во природните ресурси туку и во областа на енергетиката за развој на вештачката интелигенција.
– Русија може да обезбеди најевтина енергија за вештачка интелигенција во светот. Затоа разговараме и за проекти во областа на вештачките технологии, логистиката и инфраструктурата со кинески партнери – рече претставникот на Рускиот фонд за директни инвестиции.
Дмитриев изјави дека фондот веќе инвестирал во повеќе од 50 заеднички руско-кинески проекти, меѓу кои се првиот железнички мост меѓу двете земји, аеродромот „Пулково“ и инфраструктурниот проект „Багратион“ во Москва. Тој додаде дека Рускиот фонд разгледува и проекти во кои би можеле да бидат вклучени кинески и американски инвеститори.
– Веруваме дека во рамките на партнерството со Кина има простор за заеднички проекти со американски инвеститори – рече Дмитриев, најавувајќи дека наскоро ќе бидат објавени три нови големи партнерства.
Како што истакна, посебен акцент беше ставен на младинската соработка и академската размена меѓу Русија и Кина.
– Младата генерација ќе ја одреди нашата иднина. Затоа активно ги поддржуваме студентската размена и соработката меѓу руските и кинеските студенти – рече Дмитриев, најавувајќи го предавањето на Универзитетот „Цингхуа“ во Пекинг. Р.С.
































