ИДЕНТИТЕТОТ ПОД ОПСАДА: МАКЕДОНИЈА МЕЃУ НЕГИРАЊЕТО И КАМБАНИТЕ ЗА ЕВРОПА
Во момент кога Европа се повикува на својата правна и вредносна архитектура, прашањето за македонскиот идентитет повторно се враќа како отворена рана на Балканот. Жалбата на Централниот совет на Македонците во Германија ја отвора дилемата што одамна ја надминува билатералната рамка. Станува збор за судир меѓу политички интерпретации на историјата и правото на еден народ на самодефиниција. Во последните децении, македонското прашање постојано е предмет на различни форми на оспорување, ревизија и условување. Најчесто се посочува негирање или релативизација на македонскиот јазик, и покрај неговото многувековно постоење, институционална кодификација и меѓународна употреба. Се отвораат дебати околу неговиот статус, кои во дел од политичките и академските кругови се толкуваат како „дијалектни теории“, а во други како затворено научно прашање.
Истовремено, историографијата станува едно од „најчувствителните полиња“. Македонски историски наративи често се предмет на споредбени интерпретации со соседните национални истории. (?!) Во рамките на европските интеграции, особено по 2020-тите, се појавија документи и протоколи што предвидуваат усогласување на историски комисии и образовни содржини. Овие процеси се обид за политичко влијание и ревизија врз историската наука. Како особено спорни се наведуваат препораките за заедничко чествување историски личности и настани. Во таа рамка, фигури од 19 и 20 век стануваат предмет на паралелни национални претензии.
Културната сфера исто така не е поштедена од контроверзии. Во одредени контексти се отвора прашањето за интерпретација на културното наследство од османлискиот, револуционерниот и југословенскиот период. За дел од експертите, ова претставува нормален научен плурализам!? Но тоа е класичен атак за политизација на културата. Натаму, особено чувствителна точка се статусот и правата на македонските здруженија во соседните држави. На пример, Европскиот суд за човекови права има донесено пресуди што се однесуваат на слободата на здружување и регистрација на организации. Овие пресуди се силен аргумент дека постојат нерешени прашања во доменот на индивидуалните и колективните права во држави членки на ЕУ.
За издвојување е и прашањето за дијаспората. Таа е неизбежен и важен фактор во оваа дебата.
Македонските заедници во Европа често алармираат за правна несигурност во однос на признавањето на јазикот, квалификациите и културниот идентитет. Овие стравувања, независно од нивната правна тежина, имаат силен, а и широк ефект. Во поширок контекст се отвора прашањето дека процесот на проширување на ЕУ не може да стане простор за идентитетски условувања.
Членот 2 од Договорот за Европската Унија се наведува како основа за заштита од дискриминација и заштита на културната и јазичната различност. Но толкувањата на овој член во пракса често европските елити го ставаат да зависи од политичкиот контекст. Историските компромиси што ги направи Македонија во изминатите децении, од уставни измени до државно преименување, се користат како референтна точка во оваа дебата. За едни, тие се доказ за конструктивност и европска ориентација, но, да бидеме начисто, тие се едноставно чист пример за висока цена на направени „политички договори“, кои се идентификуваат со национално предавство.
Историјата на Балканот е полна со случаи на конкурирачки национални наративи. Но во европскиот правен простор, тие треба да бидат надминати преку дијалог, а не преку негирање, денационализирање и деноминирање народ, јазик, историја, култура… Затоа прашањето за македонскиот јазик, историја и култура не е само научно или дипломатско. Тоа е прашање на самоперцепција, колективно достоинство и секако на највисокото, перемпторно, врховно право (јус когенс), од меѓународното јавно право!
Од друга страна, европските институции инсистираат дека процесот на проширување мора да се базира на консензус и исполнување критериуми?! Тоа е класичен јаз меѓу правото и политиката во кој политиката како растеглива категорија, со аргументите на силата, го совладува правото, кое има сила на аргументи што сѐ уште се преслаби за да парираат на идеологија и политики на хегемонија на актуелните бриселски елити.
Македонското прашање денес повторно станува тест за Европската Унија. Дали Унијата ќе успее да ја задржи својата улога на арбитер на вредности или ќе дозволи билатералните спорови да ја дефинираат нејзината политика? И дали идентитетските прашања ќе останат надвор од политичката трговија или ќе станат нејзин дел?! Во таа смисла, дебатата што ја отвора гореспоменатата жалба на дијаспората е повеќе од правен акт. Таа е аларм. Таа е камбана што бие од Македонија и секаде каде што живеат Македонците. И затоа Брисел не треба да се прашува „за кого бијат камбаните“ – тие бијат за Европа! П.Р.

































