По повод одбележувањето на Меѓународниот ден на музеите е отворена изложбата „Вода: Од исконски верувања до современ пулс“ во историскиот дел на Музејот на Македонија.
Автор е Јован Шурбаноски, а коавторка Александра Папазовска. Изложбата ја отвори Александар Ристевски, директор на НУ Музеј на Македонија.
„Вода: Од исконски верувања до современ пулс“ е приказна што низ призмата на археологијата, етнологијата и уметноста ни овозможува да ги следиме патиштата каде што водата се преобразува од биолошка неопходност во духовен медиум. Приказна за тоа како водата го оформува идентитетот на заедниците низ историјата, градејќи занаети што ја скротуваат природата, усовршувајќи го движењето низ спортот и трансформирајќи ја моќта на водата во политичка доминација. Приказна што ви дава можност да го препознаете сопствениот одраз во синиот отпечаток на вечноста – таму каде што секоја капка е сведок на една историја, а секој бран е најава за нов цивилизациски подем. Преку археологијата, етнологијата и уметноста ве водиме на патување низ времето и културите, каде што водата е повеќе од елемент – таа е сведок, инспирација и сила. Видете ја водата не само како течност туку како огледало на сè што сме биле и на сè што ќе бидеме.
НУ Музеј на Македонија – Скопје ја реализира оваа изложба во соработка со НУ Археолошки музеј и НУ Музеј д-р Никола Незлобински – Струга.