Од печат излезе труд со најновите сознанија од истражувања на предисториската наколна населба Пенелопа-Охридати на Охридско Езеро. Овој труд, публикуван во списанието „Патримониум“, за првпат дава детален преглед во стратиграфијата, хронологијата, архитектурата, исхраната, материјалната култура и природната околина на локалитетот. Тие се базирани на мултидисциплинарни археолошки истражувања во кои се вклучени радиокарбон, дендрохронолошки, археоботанички, зооархеолошки, геоархеолошки и таксономски анализи.
Во овој труд се прави и синтеза на досегашните сознанија од Охридскиот Регион, со што се потврдува дека Пенелопа-Охридати е една од трите најстари неолитски наколни населби во Европа. Тоа го истакнува фактот дека првите наколни населби во Европа биле основани токму на Охридско Езеро, што е констатирано на локалитетите Лин (истражуван од албанско-швајцарски тим) и Плоча-Миќов Град (истражуван од македонско-швајцарски тим). Во прилог на тоа оди и нашиот неодамна публикуван труд во престижното списание „Архиометри“, каде што се објавени и исклучително старите датуми за наколната населба Плоча-Миќов Град. Со тоа се потврдува дека најстарите европски наколни населби биле формирани во Охридскиот Регион во првата половина на шестиот милениум пр. н.е., односно при крајот на раниот неолит.
Во мултидисциплинарните истражувања на Пенелопа-Охридати учествуваше меѓународен тим со претставници од Заводот и музеј – Охрид, Центарот за истражување на предисторијата во Скопје, Германскиот археолошки институт во Берлин, Федералниот институт за технологија во Цирих, институтот „Биосенс“ во Нови Сад и Националниот археолошки музеј во Скопје. Тие претставуваат континуитет на плодната соработка меѓу Заводот и музеј – Охрид и Центарот за истражување на предисторијата, заедно со Универзитетот во Берн и Универзитетот во Оксфорд, а која се одвиваше пред неколку години на локалитетот Плоча-Миќов Град.
За најновите сознанија од мултидисциплинарните истражувања на локалитетите Пенелопа-Охридати и Плоча-Миќов Град на Охридско Езеро може да се прочита во двата неодамна публикувани научни труда.