Промоцијата на книгата „Репертоарски калеидоскоп“ на истакнатиот театарски критичар и публицист Тодор Кузманов ќе се одржи утре, во 12 часот, во малата сала на Драмскиот театар – Скопје.
Станува збор за значајно издание, кое преку аналитички осврти, критички текстови и театарски записи отвора важни прашања за современиот театар, неговиот развој, естетика и општествено значење. Книгата претставува драгоцен придонес за театарската уметност и културната јавност, како и сведоштво за долгогодишната посветеност на авторот кон театарската критика.
Промотор на „Репертоарски калеидоскоп“ на авторот Тодор Кузманов ќе биде проф. д-р Иван Додовски.
– Ретки се авторите што со знаење и со долгогодишна истрајност го следат, го бележат и го анализираат театарскиот живот во Македонија. Меѓу тие ретки имиња е она на Тодор Кузманов, еминентен театарски критичар, публицист и есеист, кој работи неуморно, повеќе од четири децении на полето на критиката и театарската мисла во Македонија. Тој е автор на повеќе од илјада театрографски единици – критики, осврти, рецензии, статии, есеи, анализи, интервјуа, новинарски известувања, како и на неколку значајни монографии и книги без кои не може да се замисли истражувањето на историјата на драмата и на театарот на Македонија – пишува Иван Додовски во предговорот на книгата.
































