Занимливости…
Од страна на Обединетите нации, а по иницијатива на Словенија, 20 мај е прогласен за Меѓународен ден на пчелите. Целта е да се издигне свеста за важноста на пчелите за животната средина и за човекот. Датумот, пак, е избран во чест на Словенецот Антон Јанша (20 мај 1734-13 септември 1773), кој бил академски сликар, но и пчелар во дворот на владетелката Марија Терезија. Тој бил прв царски инструктор во монархијата и станал првиот назначен учител по пчеларство во сите австриски земји. Својот сликарски талент го изразувал преку сликање на кошниците. Објавил две книги за пчеларството на германски јазик, а по неговата смрт Марија Терезија со декрет наложила сите учители по пчеларство да ги користат книгите на Јанша. По повод Меѓународниот ден на пчелите споделуваме со вас дванаесет интересни сознанија.
Пчелите комуницираат со „танц“. Кога ќе најдат цвеќе, тие прават посебни движења за да им покажат на другите пчели каде се наоѓа храната.
Една пчела во текот на целиот живот произведува само околу една мала лажичка мед.
Пчелите можат да препознаваат човечки лица. Нивниот мозок е многу мал, но сепак имаат одлична меморија.

Во една кошница може да живеат од 20.000 до 60.000 пчели.
Матицата е единствената женка што положува јајца и може да живее неколку години, додека работничките живеат само неколку недели во лето.
Пчелите летаат со брзина од околу 24 км/час и мавтаат со крилјата повеќе од 200 пати во секунда.
Медот никогаш не се расипува. Археолози пронашле мед во древни египетски гробници што сè уште бил јадлив.
Пчелите се многу важни за природата бидејќи опрашуваат огромен број растенија и овошја. Без нив, многу видови храна би исчезнале.
Постојат повеќе од 20.000 вида пчели во светот, а не прават сите мед.
Пчелите имаат пет очи: две големи и три мали на врвот од главата.
Кога пчела ќе убоде човек, таа најчесто умира, бидејќи го губи осилото.
Пчелите можат да почувствуваат електрични полиња околу цветовите, што им помага полесно да најдат нектар.
Извор: Википедија на македонски


































