Си Џинпинг (лево) и Трамп во Пекинг / Фото: ЕПА

Повод: Средбата на Доналд Трамп и Си Џинпинг во Пекинг

  • Средбата меѓу претседателите Си Џинпинг и Доналд Трамп не беше обичен дипломатски настан, туку сигнал за можен премин од ера на конфронтација, преку презентирањето разлики во нивните гледишта за појавите и проблемите во светот, кон модел на стратегиско усогласување заради глобален просперитет, раст и развој

Во меѓународната политика постојат средби што произведуваат моментален ефект и средби што постепено ја менуваат насоката на светот. Разговорите меѓу кинескиот претседател Си Џинпинг и американскиот претседател Доналд Трамп во Пекинг припаѓаат на втората категорија. Иако формално станува збор за билатерална средба, суштински таа претставува обид за редефинирање на логиката според која ќе функционира меѓународниот систем во следната деценија.
Во период кога глобалниот поредок е длабоко фрагментиран, а светот се движи меѓу економска несигурност, воени конфликти, технолошка трка и криза на мултилатерализмот, секоја порака што доаѓа од односите меѓу Вашингтон и Пекинг има суштинско и системско значење. Токму затоа формулацијата на Си Џинпинг дека двете страни поставиле „нова визија за градење конструктивни кинеско-американски односи со стратешка стабилност“ претставува можеби најважната дипломатска порака во актуелната геополитичка фаза.

Од конфронтација кон фер конкурентност

Последната деценија беше обележана со драматично влошување на односите меѓу САД и Кина. Трговските војни, санкциите, технолошките рестрикции, спорот околу Тајван, конкуренцијата во Индопацификот и борбата за контрола врз глобалните синџири на снабдување создадоа атмосфера што сè повеќе наликуваше на нова студена војна.
Но средбата во Пекинг покажува дека и покрај длабокото ривалство, двете сили почнуваат да сфаќаат дека неконтролираниот конфликт носи ризици што можат да излезат надвор од нивната контрола. Оттука, клучната тежина на разговорите лежи во формулацијата за „соодветно презентирање еден на друг на своите позиции во кој постојат разлики на нивните гледања“, но и во констатацијата за тоа дека се постигнати „важни заеднички разбирања за одржување стабилни економски и трговски врски“.
Во дипломатски речник, ова не е техничка формулација, туку стратешки концепт, а и исчекор. Тој подразбира дека САД и Кина еден на друг си ги кажуваат своите различни политички позиции, но дека се подготвени да влезат во фаза да ги артикулираат своите безбедносни и економски интереси и да создадат механизми за управување со глобалните кризи. Тоа не е крај на конкуренцијата, туку нејзино врамување во една меѓународноправна процедура и институционализирање за еден нормален и правилен тек низ утврдени мировни процеси и институции.
Во суштина, Пекинг и Вашингтон испраќаат сигнал дека идниот светски поредок нема да биде изграден врз целосна доминација на една сила, туку врз внимателно балансирање на моќта.

Стратешката стабилност како глобален концепт

Најважниот елемент од разговорите е концептот на „стратешка стабилност“. Историски гледано, овој термин беше поврзан со нуклеарната рамнотежа меѓу САД и Советскиот Сојуз. Денес, меѓутоа, неговото значење е многу пошироко.
Во контекст на односите меѓу Кина и САД, стратешката стабилност подразбира повеќеслојна рамнотежа, и тоа политичка, економска, трговска, технолошка и безбедносна. Во свет на длабока меѓузависност, економската нестабилност веднаш се претвора во политичка криза, а безбедносните конфликти произведуваат глобални финансиски потреси.
Токму затоа изјавата на кинескиот претседател Си Џинпинг дека двете страни постигнале „важни заеднички разбирања за одржување стабилни економски и трговски односи“ има тежина далеку над билатералните рамки!
Тоа е порака до глобалните пазари, до инвеститорите, до државите во развој и до меѓународните институции дека двете најголеми економии во светот, а особено Кина, не сакаат да дозволат системски колапс на глобалната економија.
Кина и САД денес не се само две држави. Тие се двата централни столба на светската економија. Секое сериозно нарушување на нивните односи директно влијае врз енергетските пазари, инфлацијата, трговските текови, производствените капацитети и врз финансиската стабилност на планетарно ниво.

Пекинг деновиве беше центар на новиот дипломатски реализам

Средбата откри уште една важна геополитичка реалност. Кина повеќе не настапува само како економска сила, туку како актер што сака активно да ја обликува глобалната политичка архитектура.
Пекинг внимателно ја гради својата позиција како стабилизирачки центар во светот што влегува во ера на фрагментација. За Кина, концептот на „конструктивни односи“ не значи откажување од сопствените интереси, туку создавање меѓународна средина во која нејзиниот економски и геополитички раст ќе продолжи без директна конфронтација со САД.
Оттука, средбата со Трамп претставува и демонстрација на кинески дипломатски реализам. Наместо идеолошка реторика, доминира прагматичен пристап – управување со конкуренцијата, избегнување ескалација и зачувување на глобалната стабилност како предуслов за економски раст.

Порака до светот: стабилноста е заеднички интерес

Еден од најзначајните аспекти на разговорите е имплицитната порака дека стабилноста на светот повеќе не може да биде обезбедена еднострано. Ерата на униполарност постепено се заменува со комплексен систем на повеќеполарна меѓузависност. Во тој контекст, посебно значење има делот во кој се нагласува потребата од уважување на помалите земји, земјите во развој и меѓународните институции. Тоа е индиректна порака дека идниот поредок мора да биде поинклузивен и повеќе заснован врз правила, отколку врз сила. Во време кога меѓународното право е сè почесто потиснато од геополитичките интереси, средбата во Пекинг отвора можност за враќање на концептот на кооперативна стабилност, модел во кој големите сили ја признаваат сопствената одговорност за глобалниот систем.

Геополитичката тежина на бона фидес

Особено е интересен акцентот на разговорите во духот на бона фидес, односно добра волја. Во современата геополитика, каде што доминира длабока недоверба, токму подготвеноста за рационален дијалог станува ретка стратешка вредност. Ова не значи дека конфликтите исчезнуваат. Напротив, тие се сега реални и длабоки. Но разликата е во тоа што Пекинг, а и Вашингтон испраќаат сигнал дека конфликтите треба да се менаџираат, а не да се претвораат во системски судир. Токму тоа ја прави средбата меѓу Си Џинпинг и Доналд Трамп значајна. Не поради симболиката, туку поради можноста таа да означи почеток на нов модел на односи меѓу големите сили, модел во кој конкурентноста ќе постои, но ќе биде врамена со правила и принципи, и згора на тоа една одговорност кај највисоките светски лидери дека глобалната нестабилност има цена што никој не може да ја контролира.

Светот пред нова рамнотежа

На крајот, суштината на средбата во Пекинг е во обидот да се создаде нова формула за глобална рамнотежа. Формула во која Кина и САД нема да престанат да бидат ривали, но ќе прифатат дека нивната меѓузависност ги принудува на соработка во клучните прашања. Тоа е можеби најважната порака од Пекинг. Дека во 21 век стабилноста повеќе не е идеолошка категорија, туку услов за нов почеток кон стабилен глобалниот систем во насока на раст и развој, но сеопшт и порамноправен. Ако оваа визија навистина се претвори во долгорочна стратегија, тогаш средбата меѓу Си Џинпинг и Доналд Трамп може да остане запаметена како моментот кога светот почна да преминува од ера на опасна конфронтација кон ера на геополитичка рамнотежа со голем потенцијал за сеопшт просперитет и благосостојба на светот во подолг временски период. П.Р.


Средбата меѓу Си Џинпинг и Доналд Трамп отвори можност за нова глобална рамнотежа во време на опасна геополитичка фрагментација

Шанса за премин од ера на конфронтација кон модел на стратегиска соработка со светски опфат

  • Особено е важен делот во кој лидерите еден на друг си ги кажаа своите ставови и позиции за глобалните прашања, каде што постојат разлики во нивните гледишта за појавите во светот, но и волја за правилно справување со тие појави. Тоа е суштината на зрелата дипломатија. Не негирање на проблемите, туку нивно отворање и поставување на маса заради решавање. Во време кога глобалната политика сè повеќе се претвора во политика на притисоци, санкции и блокови, самиот факт што двете најголеми сили зборуваат отворено за различни позиции и притоа се отвораат веројатности и механизми на разбирање и правилно справување со различните гледишта, тоа претставува значаен исчекор

Во свет што сè повеќе наликува на поле на паралелни конфликти, економски потреси и геополитички судири, секоја средба меѓу лидерите на Кина и САД има значење што далеку ги надминува рамките на класичната дипломатија. Разговорите меѓу кинескиот претседател Си Џинпинг и американскиот претседател Доналд Трамп во Пекинг не беа само протоколарен настан. Тие претставуваат политичка порака до светот дека најголемите сили почнуваат да ја разбираат тежината на моментот во кој се наоѓа човештвото.

Си Џинпинг: Нова визија за градење конструктивни кинеско-американски односи со стратешка стабилност

Изјавата на Си Џинпинг дека двете страни поставиле „нова визија за градење конструктивни кинеско-американски односи со стратешка стабилност“ е можеби најважната реченица што произлезе од Пекинг. Во неа се содржани и предупредување и надеж. Предупредување дека без стабилни односи меѓу Вашингтон и Пекинг светот ќе продолжи да се движи кон опасна нестабилност. Но и надеж дека, и покрај длабоките разлики, постои политичка волја тие разлики да се управуваат, а не да ескалираат.
Особено е важен делот во кој лидерите еден на друг си ги кажаа своите ставови и позиции за глобалните прашања, каде што постојат разлики во нивните гледишта за појавите во светот, но и, како што нагласи кинескиот лидер, волја за „правилно справување“ со тие појави. Тоа е суштината на зрелата дипломатија. Не негирање на проблемите, туку нивно отворање и поставување на маса заради решавање. Во време кога глобалната политика сè повеќе се претвора во политика на притисоци, санкции и блокови, самиот факт што двете најголеми сили зборуваат отворено за различни позиции и притоа се отвораат веројатности и механизми на разбирање и правилно справување со различните гледишта, тоа претставува значаен исчекор.
Ова е важно затоа што денес ниту една глобална криза не може да се решава без координација меѓу Кина и САД. Од економската стабилност и трговските текови, до климатските промени, безбедноста, енергетиката и технолошката конкуренција, светот е премногу меѓузависен за да преживее нова ера на целосна конфронтација.
Токму затоа концептот на таканаречената „стратешка стабилност“ има толку голема тежина. Тоа не е само воен или дипломатски термин. Тоа е концепт на повеќеслојна глобална стабилност: политичка, економска, трговска, безбедносна…
Во современиот свет овие сегменти се неразделни. Кога има трговска војна, следува економска нестабилност. Кога има економска нестабилност, растат политичките тензии. А кога политичките тензии излегуваат од контрола, целиот меѓународен систем влегува во криза.

Пекинг, а и Вашингтон разбираат дека нивната одговорност е поголема од нивното ривалство

Оттука, средбата во Пекинг има значење од колосална политичка тежина. Средбата покажува дека и покрај конкуренцијата, Пекинг и Вашингтон разбираат дека нивната одговорност е поголема од нивното ривалство. Ова можеби не значи крај на геополитичките судири. Меѓутоа значи дека постои создавање одговорност и свесност оти нестабилноста има цена што може да стане неподнослива за целиот свет.
Особено е значајно што во визијата за новите односи се вклучува и почитувањето на помалите земји, земјите во развој и меѓународните институции. Тоа е порака дека светот не смее повторно да стане простор во кој само големите одлучуваат, а малите плаќаат цена за нивните конфликти.
Денес, кога глобалниот поредок е ослабен од војни, поделби и недоверба, на светот му е потребна нова политичка рационалност. Потребни му се лидери што ќе разберат дека доминацијата без стабилност е пат кон глобален хаос. Затоа средбата меѓу Си Џинпинг и Доналд Трамп во Пекинг треба внимателно да се следи. Не како дипломатски спектакл, туку како можен почеток на нова фаза во меѓународните односи, фаза во која големите сили конструктивно би се натпреварувале од позиција на добра сеопшта волја, и на глобално поле на фер и со меѓународноправни правила – натпревар, во кој истовремено ќе ги зачуваат свеста и одговорноста дека „мирот и стабилноста се заеднички интерес на целото човештво“! П.Р.


Преглед на економските договори во рамката за соработка, за време на посетата на американскиот претседател на Кина

Приоритет за отворање на пазарите наспроти бројот на зделки

Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека склучил повеќе деловни договори за време на посетата на Пекинг, вклучувајќи ја зделката, според која, Кина треба да купи 200 авиони „боинг“ и повеќе американска нафта, откако ја предводеше американската делегација што ја сочинуваа 17 корпоративни лидери од САД.
Трговскиот претставник на САД, Џејмисон Грир, објави дека се очекува Кина да се согласи да купува земјоделски производи во двоцифрена вредност изразена во милијарди долари од САД во следните три години, како резултат на патувањето на Трамп. Грир исто така изјави за јавноста дека „Кина повторно ја продолжила лиценцата за увоз на американско говедско месо“. Во текот на изминатата година истече дозволата за повеќе од 400 американски фабрики за извоз на говедско месо. Грир не го прецизираше бројот на обновени лиценци.
Американските претставници изјавија дека е постигнат напредок во воспоставувањето механизми за управување со идната трговија, при што се очекува двете страни да идентификуваат 30 милијарди долари нечувствителна стока.
– Ова беше неверојатна посета. Мислам дека од неа произлегоа многу добри работи – му рекол Трамп на кинескиот претседател Си Џинпинг на нивниот состанок во комплексот Џонгнанхаи, поранешна царска градина во која се сместени канцелариите на кинеските лидери, пред нивниот заеднички ручек.
Интересен е деталот на повеќе западни медиуми, кои објавуваат дека „Трамп ќе може да ги претстави зделките како своевидна победа пред домашната јавност, залагајќи се Кина да ја отвори својата економија за американските фирми и обидувајќи се да освои поени меѓу водечките функционери на компаниите од Силициумската Долина“. И додека Трамп бараше наратив за непосредни деловни победи (како што е договор за продажба на авиони „боинг“), Си Џинпинг зборуваше за долгорочно ресетирање и договор за одржување стабилни трговски врски со Вашингтон, како и за рефлексиите од таков долгорочен договор за долгорочна стабилност во светот, за соработка, раст и развој на сите полиња.

Помала американска бизнис-делегација во однос на 2017 година

Во медиумските известувања се напоменува дека сегашната американска делегација беше помалобројна во однос на посетата на Кина за време на првиот претседателски мандат на Трамп, што економските експерти го припишуваат на различните приоритети на двете страни.
Американските медиуми потсетуваат дека за време на посетата на Трамп во 2017 година во американската делегација имало речиси 30 директори на компании, а САД објавиле договори во вкупен износ од над 250 милијарди долари, при што Кина тогаш се согласила да купи 300 авиони „боинг“. За време на патувањето на Трамп во ноември 2017 година, Министерството за трговија објави 37 договори меѓу американските и кинеските компании, иако не се реализираа сите. Тогаш присуствуваа и лидери од „Боинг“, „Џенерал моторс“, „Голдман Сакс“ и „Квалком“, заедно со раководители од „Дау Кемикал“, „Ханивел“ и „Катерпилар“, меѓу другите.
Кент Кедл, основач на фирмата за советување за ризик и стратегија „Блу Оушн Адвајзорс“ во Шангај, рече дека групата од 2017 година била повеќе фокусирана на обезбедување специфични договори за извоз, додека сегашната делегација се чини дека го приоритизирала пристапот до кинескиот пазар.


Трамп упати покана до Си Џинпинг за возвратна посета на САД

Трговското примирје се почитува

Поканата на американскиот претседател Доналд Трамп до кинескиот колега Си Џинпинг за возвратна посета на САД на 24 септември значи дека двајцата лидери можат повторно да разговараат лично пред истекот на едногодишното трговско примирје утврдено во октомври 2025 година. Договорот ги намали царините и ги укина ограничувањата за ретките метали по ескалацијата на тензиите меѓу двете земји претходно во 2025 година.
– Стратешки, Пекинг се чини дека се обидува да ја претвори трансакциската подготвеност на Трамп за стабилизирање на врските во долгорочна оперативна рамка за односите меѓу САД и Кина – рече Џек Ли, аналитичар во „Чајна макро груп“, забележувајќи дека рамката би можела да стане основа за односите со Кина за следниот претседател на САД.
Се посочува дека помеѓу двете држави остануваат отворени прашањата за меѓусебен пристап до критични минерали и електронски компоненти витални за технолошкиот напредок на двете држави, како и за пристапот на кинески електрични возила на американскиот пазар. Р.С.


Клучни прашања за вештачката интелигенција (ВИ) овозможуваат платформа за меѓусебна соработка

Една од поновите дискусии што произлегоа од посетата на самитот помеѓу претседателите Си Џинпинг и Доналд Трамп во Пекинг беше можноста САД и Кина да соработуваат во областа на вештачката интелигенција, дури и додека учествуваат во трка за меѓусебно надминување во оваа област.
Американскиот секретар за финансии Скот Бесент изјави дека двете страни разговарале за тоа како да воспостават заштитни мерки за напредокот на вештачката интелигенција без да ги задушат иновациите. Загриженоста околу влијанието на вештачката интелигенција, исто така, предизвика глобална дискусија за тоа како да се заштитат владите и потрошувачите, бидејќи технологијата станува пософистицирана. Американските технолошки гиганти најавија отпуштања делумно поради зголемувањето на ефикасноста предизвикано од вештачката интелигенција, додека некои кинески судови пресудија дека е нелегално компаниите целосно да ги заменат работниците со вештачка интелигенција.
Технолошкото ривалство меѓу САД и Кина претходно резултираше со обиди за задржување на критичните материјали и компоненти од спротивни страни, како што се ретките елементи и полуспроводничката технологија.
Сепак, немаше знаци за пробив во продажбата на напредни чипови за вештачка интелигенција „H200 на „Енвидија“ (НВДА.О), и покрај доцното приклучување на извршниот директор на „Енвидија“, Џенсен Хуанг. Тој претходно лобираше кај американската влада да одобри продажба на нејзините помалку напредни чипови во Кина. Сепак, Кина се воздржа од купувања, делумно поради својата преференција да ги поддржи сопствените производители на чипови. Р.С.