• Европа влегува во нова демографска епоха. Податоците на Евростат за 2025 година не се само суви бројки за структурата на домаќинствата. Тие се огледало на длабоките општествени промени што веќе ги редефинираат европската економија, политиката, пазарот на трудот и самиот концепт на семејство

Домот на иднината во Европската Унија сè помалку личи на традиционално семејство. Оваа констатација е потврдена од фактот дека само 23,4 отсто од домаќинствата во ЕУ имаат деца. А другите 76,6 отсто?! Овој официјален податок на Евростат е повеќе од статистичка информација. Тоа е сигнал дека Европа старее, се индивидуализира и постепено се оддалечува од моделот врз кој се градела со децении, а тоа е семејство со две деца, стабилен брак и повеќегенерациски дом.
Најголем дел од европските домаќинства денес се без деца. Дури 37,5 отсто се самохрани возрасни лица, а 24,1 отсто се парови без деца. Тоа значи дека „стандардното европско домаќинство во 2025 година повеќе не е семејство со деца, туку човек што живее сам“. Ова е цивилизациска промена што треба да се анализира.

Раст на домаќинствата со еден човек

Највпечатлив е податокот дека бројот на домаќинства со самохрани лица без деца пораснал за 19,2 отсто за само девет години. Од 63,9 милиони во 2016 година, Европа стигнала до 76,1 милиони вакви домаќинства. Причините се повеќеслојни, а како едни од тежишните се споменуваат дека младите подоцна стапуваат во брак, потоа економската несигурност го одложува родителството, раст на цените на становите, дека кариерата станува приоритет, индивидуализмот ја заменува традиционалната семејна структура, а стареењето создава сè повеќе вдовци и вдовици што живеат сами. Од разговорот со повеќе соговорници, од Германија, Белгија, Хрватска и од Шведска, добивме слична констатација, а тоа е дека „Европа станува континент на самци“. Но она што е уште поинтересно, соговорниците издвојуваат неколку впечатливи општествени феномени како последица на ваквиот демографски тренд.
– Овој тренд има огромни последици. Повеќе самечки домаќинства значи поголема потрошувачка на станови, поскап пазар на недвижности, зголемен притисок врз здравствениот систем, поголема осаменост и психолошки проблеми, но и нова економија насочена кон индивидуалниот потрошувач. Во многу европски градови веќе се градат микростанови за едно лице, а пазарот се приспособува на луѓе што живеат сами, од туристички услуги до пакувања храна и дигитални платформи – истакнуваат нашите соговорници, изнесувајќи исклучително интересни појавни феномени од влегувањето во „нова демографска епоха“..

Падот на семејствата со деца: економијата против родителството

Особено е алармантен падот на домаќинствата со парови и деца – за 6,3 отсто за помалку од една деценија.
Според соговорниците, ова не е само прашање на „животен стил“. Во голем дел од Европа имањето деца станува економски ризик (?!), нагласуваат тие.
– Да бидеме начисто. Младите генерации се соочуваат со нестабилни работни места, високи кирии, скапи градинки, недостапни станови и чувство дека иднината е неизвесна. Токму во едни такви услови, родителството се одложува или целосно се избегнува. Затоа не е случајно што најголем број домаќинства со деца има во земји како Словачка, Ирска и Кипар, што се држави каде што семејните и културните врски сè уште се посилни, а во дел од нив и државната поддршка за семејства е позначајна – велат нашите соговорници од повеќе европски земји.
Од друга страна, Финска, Литванија и Германија имаат најмал удел на домаќинства со деца. Токму тоа покажува дека економскиот развој сам по себе не гарантира повисок наталитет. Напротив, често најбогатите општества се соочуваат со најдлабока демографска криза.

Европа старее, но со тоа ја менува и политиката

Според домашни политички аналитичари со кои дискутиравме за овој проблем, тие од свој агол истакнуваат дека овие бројки прикажани од Евростат имаат директни политички последици.
– Континент со сè помалку деца значи помалку работна сила, помалку даночни обврзници, повеќе пензионери и растечки трошоци за здравство и пензии. Тоа е причината зошто миграцијата станува клучна тема во Европа. На многу земји веќе им недостигаат работници, па демографскиот пад се компензира преку увоз на работна сила – велат нашите соговорници аналитичари, додавајќи дека во суштина, Европа се наоѓа пред тежок избор. Таа или ќе најде начин да ги поттикне семејството и раѓањето деца или ќе мора долгорочно да се потпира на имиграција за да ја одржи економијата – тврдат соговорниците.
За Македонија, овие европски трендови се уште поважно предупредување, велат нашите соговорници од Германија и Шведска.
– Бројките и во Македонија покажуваат дека Македонија веќе старее, губи млади преку иселување, има сè помал број новородени и сè повеќе самечки и стари домаќинства. Разликата е што Македонија нема економска моќ како Германија или Шведска за лесно да ги амортизира последиците. Ако европските држави со силни економии се загрижени поради падот на семејствата со деца, тогаш за Македонија ова треба да биде прашање од највисок национален интерес – заклучуваат соговорниците. П.Р.


Пазарот победи, семејството изгуби, а децата стануваат финансиски товар?!

Европската демографска криза не е само културен феномен. Таа е директна последица на економски модел што со децении ја става продуктивноста над стабилноста на животот.
Модерната европска економија создаде флексибилни работни места, нестабилни договори, високи кирии, скапо образование и постојан притисок за мобилност и конкуренција. Во таков систем, детето повеќе не се доживува како природен чекор, туку како финансиски товар.
Токму затоа, дури и најразвиените држави во Европа бележат драматичен пад на семејствата со деца. Германија, која е економски мотор на Европа, е меѓу земјите со најмал удел на домаќинства со деца. Тоа руши една стара политичка илузија, а тоа е дека економскиот раст автоматски носи демографска стабилност. Не носи. Напротив, многу богати општества денес се соочуваат со најдлабока демографска празнина.
Истражувањето на Евростат всушност отвора многу подлабоко прашање: какво општество создава Европа? Општество со сè повеќе луѓе што живеат сами, сè помалку деца и сè повеќе стари лица неизбежно ќе има поинаква економија, поинаква политика, поинакви вредности и поинакви меѓучовечки односи. Во такво општество, прашањата за семејството, наталитетот и демографијата повеќе не се приватна тема, туку тие стануваат стратешко прашање за опстанокот на државите!
А Македонија, можеби повеќе од многу европски земји, нема луксуз да го игнорира тој сигнал. П.Р.


Демографијата станува прашање на национална безбедност

Во 20 век, државите се натпреваруваа со армии и индустрија. Во 21 век, ќе се натпреваруваат со луѓе, тврдат наши соговорници од странство.
– Кој ќе има млади? Кој ќе може да го финансира пензискиот систем? Кој ќе има доволно деца за да ја одржи државата функционална? Токму затоа демографијата веќе не е споредна тема за статистичари. Таа станува централно политичко и економско прашање. Затоа што држава што ги губи младите, а не создава нови генерации, постепено не губи само население. Таа ја губи иднината – велат нашите соговорници, Македонци што се подолго време на (привремена) работа во неколку европски држави. П.Р.


Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО) предупредува:

Бројот на новороденчиња во Македонија паднал за 30 отсто за една деценија!

Македонија се соочува со сериозен демографски пад, откако бројот на новороденчиња во последните 10 години е намален за дури 30 проценти, предупреди проф. д-р Елена Џикова од името на Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО). Според најновите демографски податоци за 2025 година, во нашата држава се родени само 15.500 новороденчиња, додека пред една деценија таа бројка изнесувала околу 23.000.
– Ако се навратиме на една деценија порано, кога бројот на новороденчиња беше околу 23.000, може да видиме дека имаме значителен пад од 30 отсто за овие 10 години. Тоа за нас треба да претставува аларм, кој не е само бројка и статистика туку сигнал дека е потребна поголема грижа кон жените и целокупна поддршка во женското репродуктивно и семејно здравје – изјави Џикова.
Таа говореше во рамките на петтото издание на годишната манифестација „Недела на женско здравје“, организирана од МАГО, каде што фокусот беше ставен на репродуктивното здравје, демографските предизвици и потребата од институционална поддршка за младите семејства.
Од асоцијацијата посочуваат дека негативниот природен прираст и континуираното намалување на наталитетот треба да бидат еден од клучните државни приоритети во наредниот период. П.Р.