Дали Аврамовите договори индиректно овозможија нова ера на конфликти?
- И покрај ветувањето за мир, израелско-арапската соработка го отвори патот кон војна во Иран
На 15 септември 2020 година, американскиот претседател Доналд Трамп претседаваше со потпишувањето на Аврамовите договори меѓу Израел, Бахреин и Обединетите Арапски Емирати. Обраќајќи се пред Белата куќа, за време на раскошната церемонија на потпишување на спогодбите, Трамп ја објави „зората на еден нов Блиски Исток“, велејќи дека „овие договори ќе послужат како основа за сеопфатен мир низ целиот регион – нешто што никој не мислеше дека е можно, сигурно не во денешно време“.
Ако Трамп понекогаш може да биде премногу ентузијастички расположен во оценувањето на сопствените достигнувања, овој пат, тој не беше осамен во таквото убедување. Многу надворешнополитички мејнстрим-коментатори брзо ги пофалија Аврамовите договори, кои подоцна беа проширени за да ги вклучат Мароко и Судан, како едно од ретките недвосмислено добри достигнувања во надворешната политика од првиот мандат на Трамп. Долгогодишниот функционер на Демократската партија за Блискиот Исток, Денис Рос, напиша дека нормализацијата на односите е „неочекувано позитивен потег“ што претставува „важен придонес за градење мир меѓу Арапите и Израелците“. Иако администрацијата на претходниот претседател Џо Бајден првично се држеше на дистанца од договорите, таа потоа ги прифати како формула за регионален мир.
– Аврамовите договори ги прават животите на луѓето низ вашите земји помирни, попросперитетни, поживи, поинтегрирани – изјави тогашниот државен секретар на САД, Ентони Блинкен, на самит во Негев, Израел, во март 2022 година.
Ваквите тврдења сега се покажуваат како фантазија. Според поддржувачите, Аврамовите договори имаат цел да ги зајакнат воената и економската соработка меѓу Израел и Персискиот Залив, а истовремено да донесат нов пристап за решавање на израелско-палестинскиот конфликт.
Всушност, таквата логика се покажа како опасно контрапродуктивна, при што воената соработка меѓу Израел и Заливот доведе до поризично и провокативно однесување. Далеку од промовирање мир и стабилност, Аврамовите договори поставија основа за нова ера на конфликти, овозможувајќи ја војната на САД и Израел против Иран.
Перципирање на Иран како регионална закана
Кога текстот на договорите за нормализација ги повика потписниците да работат кон регионална безбедност и стабилност, Иран беше имплицитна цел. Ова беше поексплицитно истакнато во април 2021 година, кога Вашингтон го донесе Законот за нормализација на односите со Израел, што им наложува на САД да ги охрабрат земјите да ги нормализираат односите со Израел, признавајќи ја „заедничката закана што ја претставува Иран“.
Во 2022 година, Конгресот на САД успеа да го донесе Законот за одвраќање на непријателските сили и овозможување на националната одбрана, удвојувајќи ги напорите за борба против перципираната закана што ја претставува Иран. Законот бара од секретарот за одбрана да соработува со сојузниците и партнерите на Блискиот Исток за да имплементира интегрирана ракетна одбрана. Ракетната одбрана беше од суштинско значење поради резервите на ракети и беспилотни летала што ги имаа Иран и неговите сојузници.
За да се осигури дека потписниците на Аврамовите договори можат поефикасно да соработуваат воено, администрацијата на Трамп го премести Израел во зоната на одговорност на Централната команда на САД. Израел им се придружи на Обединетите Арапски Емирати и Бахреин, меѓу другите држави од Блискиот Исток, под надлежност на единствена борбена команда на Министерството за одбрана на САД. Оваа промена им овозможи на САД да постават заеднички системи за оружје низ целиот Блиски Исток и да почнат да координираат активности во сеопфатен систем за одбрана од ракети и беспилотни летала против Иран.
Новата архитектура создаде слоеви на одбрана што го заштитија Израел и создаде нови воени и разузнавачки партнерства – надвор од редовните дипломатски канали – за брзо поставување одбрана од регионални закани. Проширената воена координација преку Централната команда му овозможи на Израел пристап и до воздушниот простор над земјите од Заливот, што ги направи логистички поедноставни офанзивните воени операции на долги дистанци.
Зголемување на трговијата со оружје меѓу потписниците
Продажбата на оружје сочинуваше голем и растечки дел од трговијата меѓу потписниците на Аврамовите договори. Во 2021 година, извозот на израелско оружје се зголеми за 30 проценти во однос на претходната година, при што седум проценти од вкупната продажба на оружје отиде во земјите опфатени од договорите. Бахреин и ОАЕ купија оружје во вредност од речиси 900 милиони долари од Израел таа година. До 2024 година, 12 проценти од целата продажба на израелско оружје беше на други потписнички на договорите, во вредност од речиси две милијарди долари.
ОАЕ особено го зајакнаа своето воено партнерство со Израел. Најголемиот производител на оружје во Израел, „Елбит системс“, доби договор од 53 милиони долари за обезбедување авионска опрема за воздухопловните сили на Емиратите, а двете земји соработуваа на производство на беспилотни поморски бродови, беспилотни летала и сателити, сајбер-безбедност и технологии за домашно набљудување.
Продажбата на оружје ја олесни соработката меѓу воените сили. Во 2021 година, Израел, ОАЕ и Бахреин започнаа со спроведување комбинирани поморски и воздухопловни вежби, а израелската војска, транспортирана со авиони на Емиратите, почна да работи од новоизградените воени и разузнавачки оперативни центри на ОАЕ на јеменскиот остров Сокотра. Во 2022 година, Израел го распореди својот систем за воздушна одбрана „Барак“ во ОАЕ.
Соединетите Американски Држави, исто така, ги наградија арапските власти за нивната соработка со Израел. Трамп објави зделка за оружје од 23 милијарди долари со ОАЕ по потпишувањето на договорите. Спогодбата вклучуваше 50 авиони „Ф-35А“, 18 офанзивни беспилотни летала и друга опрема. Во 2023 година, администрацијата на Бајден го потпиша Договорот за сеопфатна безбедносна интеграција и просперитет со Бахреин. Договорот ги продлабочи безбедносната и разузнавачката соработка меѓу двете земји и ја интегрираше државата од Персискиот Залив во новата регионална шема за воздушна и ракетна одбрана на Централната команда на САД.
Влошување на состојбата во Палестина наместо напредок
Архитектите на Аврамовите договори тврдеа дека напредокот за решавање на палестинското прашање ќе се случи само како последица на дипломатска нормализација меѓу арапските држави од Персискиот Залив и Израел. Откако ќе се воспостават формални дипломатски и економски врски, се вели во аргументот, потписниците би можеле да работат заедно за да постигнат напредок во палестинските прашања. Но, како што воената соработка напредуваше брзо, состојбите на палестинскиот фронт постојано се влошуваа. Во септември 2023 година, амбасадорот на ОАЕ во Вашингтон призна дека договорите не успеале да ја спречат израелската анексија на Западниот Брег.
Карактеристично е што по потпишувањето на договорите, и ОАЕ и Бахреин ја намалија својата финансиска поддршка за Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа (УНРВА), посветена на палестинските бегалци – по одлуката на администрацијата на Трамп да ја прекине сопствената поддршка за агенцијата во 2018 година. Од 2013 до 2019 година, ОАЕ беа еден од 15-те најголеми донатори на УНРВА. Во годината кога ги потпишаа договорите, 2020 година, ОАЕ донираа само милион долари на агенцијата.
Документите на Хамас, пронајдени од страна на Израелските одбранбени сили, укажуваат дека лидерот на Хамас во Газа, Јахја Синвар, рекол дека една од причините за нападот на 7 октомври 2023 година била да се попречи нормализацијата на односите во Заливот. Според него, договорите ја поткопуваат важноста на палестинската кауза во арапската политика. Ако Саудиска Арабија се приклучи пред да обезбеди договор за палестинска државност, очигледно размислувал Синвар, тогаш тоа ќе му овозможи на остатокот од арапскиот свет да го следи нејзиниот пример. Нападите на Хамас од 7 октомври 2023 година и разорната војна што следуваше го обезбедија контекстот во кој растечкиот израелско-заливски сојуз може да се сврти против Иран.
Какви се ефектите шест години по потпишување на спогодбите
Шест години по потпишувањето на Аврамовите договори, Блискиот Исток е несомнено помалку мирен отколку порано. Додека администрацијата на Трамп го продолжува деликатниот прекин на огнот со Иран, тој и натаму го држи затворен Ормускиот Теснец. Израел, пак, продолжува да извршува напади во јужен Либан.
Аврамовите договори беа промовирани како рамка за обезбедување регионален мир, но тие го испорачаа спротивното. Во тоа време требаше да биде јасно дека секој „мировен план“ заснован на продажба на оружје е осуден на неуспех. Политичките конфликти што продолжуваат да го мачат регионот нема да бидат решени со сила на оружје, без разлика што велат идеолозите. Администрацијата на Трамп веројатно нема да се повлече од договор во кој инвестираше толку многу време, ресурси и кредибилитет. Но следната администрација треба да препознае дека Аврамовите договори не нудат реален пат кон мир и просперитет, ниту за луѓето во регионот ниту за Американците.
































