Теоретичарот Томас Вантерберг на едно место ќе рече дека филмовите можат
да презентираат, илустрираат и расправаат за филозофските гледишта и да
поттикнуваат филозофски преиспитувања, додека пак Дамиен Кокс и Мајкл Левин
тврдат дека филмовите многу често далеку поуспешно ни ги претставуваат
филозофските мисли, отколку што тоа го прави филозофијата во пишана или
вербална форма. Ако ја претпоставиме можноста филмот да стане филозофски
медиум, тоа ќе биде поради тоа што тој може да ги прикаже нијансите и
перспективите кои тешко можат да се пронајдат во филозофијата или тешко можат
да се репродуцираат во рамките на она што филозофијата го нуди со своите
жанровски форми на изразување.
Токму Филозофскиот филмски фестивал прави навистина елегантно
обединување на филозофијата и филмот и низ годините што се зад нас и во текот на
своето постоење, ни овозможува едно ретко, несекојдневно и инспиративно естетско
уживање. Во оваа 2026 година публиката ќе има можност да го проследи
шеснаесеттото издание на фестивалот (21–28 мај, Младински културен центар –
Скопје).
Како дел од фестивалската програма е и Официјалната селекција на
долгометражни филмови, која е воведена во 2017 година. Годинава во селекцијата се
влезени пет (5) филмови од различни земји.
Филмот „Друг крај“ на италијанскиот режисер Пјеро Месина ги отвора
најенигматичните прашања поврзани со идентитетот, технологијата и задгробниот
живот. Тоа е дистописка приказна за блиска иднина во која технолошкиот прогрес
овозможува привремено инкарнирање на свеста на починатите во живи сурогати,
нудејќи им на ужалените ефемерна илузија на простување. Што всушност нѐ
поврзува со луѓето кои се од „другата страна“ и може ли технологијата да ја избрише
границата помеѓу животот и смртта? Филмот е прикажан во натпреварувачка
програма на Берлинскиот филмски фестивал.
Португалско–бразилскиот филм „Спомен за мирисот на нештата“ е поетски
портрет на постара личност во институција, каде што се соочува со духовите од
своето минато и создава неочекувана блискост со својата негувателка, припадничка
на црната раса. Соочен со немилосрдната ранливост на стареењето и неизбежноста
на смртта, главниот протагонист во филмот е принуден да одговори на суштинската
дилема: дали вистинското ослободување од историјата лежи во нејзиното
заборавање или во нејзиното бескомпромисно признавање? Оваа интимна драма е
наградена на филмскиот фестивал во Шангај.
Долгометражниот филмски првенец на младата шпанска режисерка Лусија
Алењар Иглесијас „Туѓинка“ е суптилна студија за начините на кои ги пронаоѓаме
во себе оние кои ги сакаме, приказна за духовите и сеништата вовлечена во
структура на драма за созревањето. Филмот е маестрална, дискретна опсервација на
една личност во друга – фасцинантен приказ на дисонанцата помеѓу стравот од
преземањето на улогата на возрасен и неизбежното препознавање на заминатите
сакани во сопствениот одраз. Филмот е прикажан на неколку филмски фестивали, а
награден е на фестивалите во Ваљадолид и Торонто.
Новото синеастичко остварување на унгарската режисерка Илдико Ењеди
(чиј филм „За тело и душа“ од 2017 година беше прикажан на ФФФ 2019 година во
ревијална програма) „Тивок пријател“ е филмски триптих кој се сосредоточува на
вечните и клучни прашања за постоењето и е сместен во три различни временски
епохи. Преку полифонична структура авторката создава хипнотичка есеј–парабола
за нашата исконска жед за припадност и сугерира дека свеста и комуникацијата
пулсираат далеку надвор од границите на човечкиот јазик. Филмот е добитник на
неколку награди на филмските фестивали во Венеција и во Ваљадолид.
Во својот петти и според сопствените зборови најинтимен филм, грузискиот
режисер Гиорги Овашвили ни ја пренесува неговата животна опсесија со релацијата
татко–син и темелно го проблематизира тој однос. Самиот режисер вели дека во
„Месечината ми е татко“ се испреплетени две автентични приказни од неговото
детство. Насловен според стара грузиска песна во која месечината е искористена
како метафора за татковата фигура, филмот претставува длабоко симболично
истражување на простувањето, наследените трауми и болното созревање.
Програмата од Официјалната селекција на долгометражни филмови нуди
филозофско–филмски калеидоскоп од повеќе различни теми, аспекти, прашања и
проблеми кои можат да бидат привлечни и провокативни за секој филмски гледач со
префинет филмски сензибилитет и изграден филозофски светоглед.

































