Официјален ветеринар на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) доцна попладнево спроведе вонреден надзор во скопската зоолошка градина каде вчера вечер беше згрижено диво животно заловено во скопската населба Козле. Врз основа на искуство во работата со диви животни и спроведениот стручен преглед на физичката градба на заловеното животно и неговото однесување, како и на проверка на други важни факти за утврдување на неговиот вид, од страна на официјалниот ветеринар потврдено е дека станува збор за диво животно од видот волк – соопшти АХВ, пренесе МИА.
Дополнително, информира, ќе се утврдува и тековниот здравствен статус на заловеното диво животно и ќе се решава за натамошните постапки во врска со него.
Во населбата Козле синоќа беше забележан волк со синџир и ремче – чуван како домашен миленик, а по интервенција на надлежните служби, животното беше заловено и згрижено во Зоолошката градина – Скопје.
И ЗОО Скопје на својот ФБ прифил потврди дека станува збор за волк.
-По детални проверки, проценки и консултации со домашни и странски експерти, потврдено е дека животното кое вчера беше заловено во населбата Козле е волк, а не куче или мешанец. Во текот на денот, во ЗОО Скопје дојдоа и сопствениците на кучето Сириус од расата чехословачки волчјак, по кое трагале веќе два месеци, кои на лице место се уверија дека не станува збор за нивното куче, туку за вистински волк, што и самите го потврдија.
Според ЗОО, животното не е чипирано, измерено е дека тежи околу 25 килограми, а од страна на стручните служби е земена и крв за биохемиска анализа и дополнителни испитувања.
-Волкот е млад, но неухранет и недоволно развиен за својата возраст. Во ЗОО Скопје денес излегоа и инспектори од Агенцијата за храна и ветеринарство, кои исто така се уверени дека станува збор за волк (Canis lupus) Дополнително, контактирани се и експерти и институции од повеќе европски центри и резервати за волци, со цел да се добие и меѓународна потврда и стручно мислење. Апелираме до јавноста да не се шират шпекулации и дезинформаци, туку сите заедно повеќе да работиме на едукација дека диви животни не се чуваат како домашни миленичиња на ланец – наведува Скопје ЗОО.
Зоолошката, како што нагласува, ќе продолжи внимателно да ги следи здравствената состојба и однесувањето на животното и ќе ја информира јавноста за сите натамошни информации.




































