Основното јавно обвинителство Штип донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице осомничено за недозволени полови дејствија врз три малолетни девојчиња помлади од 15 години.
Според информациите од обвинителството, постои сомнение дека осомничениот во периодот од септември 2023 до 11 мај 2026 година, додека им држел дополнителни часови во образовен центар, ја злоупотребил довербата и положбата кон девојчиња на возраст од 13, 11 и 10 години.
Во соопштението се наведува дека тој им се приближувал и ги допирал по телото, со што, според обвинителството, се исполнети елементите на кривичното дело „други полови дејствија врз дете кое не наполнило 15 години“ согласно Кривичниот законик.
Јавниот обвинител, како што е наведено, до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Штип доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот.


































