Украина сака Европа да помогне во оживувањето на застојаните мировни напори со Русија преку спроведување чекор за заемно запирање на нападите врз аеродромите на двете страни. Идејата што ја изнесе украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха би им дала на европските лидери конкретна улога во дипломатијата во време кога разговорите предводени од САД меѓу Москва и Киев забавија.
– Веројатно ни е потребна нова улога на Европа во нашите мировни напори. Можеби би се обиделе да решиме или да постигнеме таканаречен прекин на огнот на аеродромите – изјави Сибиха за „Политико“ на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел.
Предлогот би се фокусирал на ограничен договор меѓу Москва и Киев за да не се напаѓаат меѓусебните аеродроми. Сибиха го постави предлогот пред министрите за надворешни работи на ЕУ зад затворени врати, според официјален претставник на ЕУ запознаен со дискусијата.
– Можеби преку нашите европски сојузници, со воспоставување платформа или можеби на ад хок група, би можеле да разговараме за прекин на огнот на аеродромите – порача Сибиха, додавајќи дека украинскиот претседател Володимир Зеленски веќе разговарал за оваа идеја со некои европски лидери.
Но Киев не бара од Европа да го замени Вашингтон. Напротив, рече Сибиха, секој европски напор треба да ја зајакне дипломатијата предводена од САД и да избегне создавање конкурентни патеки кон мир. Предлогот на Сибиха доаѓа во време кога неколкумина европски лидери тврдат дека на континентот му е потребна подиректна улога во дипломатијата околу Украина.
Францускиот претседател Емануел Макрон ја предложи можноста за директни разговори со рускиот претседател Владимир Путин, додека германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул за „Велт ам зонтаг“ изминатиот викенд изјави дека Европа треба да има улога во разговорите.
Шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, во понеделникот ја истакна можноста за дискусија за улогата на Европа во директните преговори, велејќи дека министрите за надворешни работи ќе го разгледаат ова прашање кога ќе се сретнат подоцна месецов. Но Калас го отфрли предлогот на рускиот претседател Путин дека поранешниот германски канцелар Герхард Шредер би можел да дејствува како посредник во име на Европа. Р.С.
































