Фото: приватна архива

Таленти: Бојана Јовевска (13), успешна спортистка од Пехчево

  • Бојана во својата соба има над 50 медали и повеќе од 15 пехари од домашни и меѓународни натпревари. Тоа ѝ дава мотивација за поинтензивни тренинзи, а со тоа и за уште поголеми успеси

Нашата денешна соговорничка во рубриката што ги претставува талентираните ученици од сите краеви на Македонија е седмоодделенката Бојана Јовевска од ООУ „Ванчо Китанов“ во Пехчево.
Бојана веќе две и пол години активно се занимава со пинг-понг и за овој релативно краток период стана добитничка на грст награди и признанија.
– Почнав да тренирам пинг-понг на осум години, но кога клубот во Пехчево престана да функционира, морав да направам пауза. Со големо исчекување се надевав дека со работа ќе почне новата група во ППК Зегин од Берово. Пред да станам дел од тој клуб и попрофесионално да се занимавам со овој спорт, постојано ја следев неговата фејсбук-страница, се радував на неговите успеси и посакував еден ден да бидам меѓу најдобрите членови на клубот – ни раскажа младата пингпонгарка.
Тренинзите во ППК Зегин – Берово се одржуваат секој ден. Таа патува со своите родители од Пехчево до Берово и останува на тренинг два-три часа.
– За да се биде успешен во овој спорт, освен талент, пред сѐ треба да се има огромна желба и да се биде посветен, одговорен и упорен. Кога почнав да тренирам во ППК Зегин – Берово имав 10 години. На почетокот ми беше напорно, но како што поминуваше времето се навикнував и секој ден ми стануваше сѐ поинтересно – вели Бојана.

Нејзиниот прв натпревар бил во Прилеп во категоријата У11, а потоа во Битола на државното првенство за мини-кадетки до 11 години освоила второ место во категоријата двојки, додека на Топ 8 во Крушево била трета.
– На 11 години станав државен првак на Македонија во категоријата У11 и У 13 и станав дел од Македонската пингпонгарска репрезентација. Покрај тоа, имам освоено многу први, втори и трети места во повисоките категории од мојата, како и во сениорски – вели таа.
Бојана е успешна и на меѓународни турнири. На меѓународниот турнир во Берово, „Зегин опен“ во 2024 година го освои третото место, а во 2025 била второпласирана. На меѓународниот турнир во Приштина – „Приштина опен“ во 2024 година го освоила третото место, а во 2025 година првото место. Лани освоила прво место и на меѓународниот турнир во Флорина-Грција. На меѓународниот турнир во Сурдулица – „Сурдулица опен“ во 2023 година на 11 години го има освоено третото место во својата категорија. Во Добановци, исто така во Србија, на меѓународниот турнир до 13 години била прва, а во група до 15 години второрангирана.
– Како дел од нашата пингпонгарска репрезентација ја претставувам Македонија на балкански и на европски натпревари, а исто така веќе две години по ред сум стипендистка на Министерството за спорт, односно добитничка на стипендијата „Спортска надеж“ – со радост ни се пофали Бојана.

Оваа година Бојана го освои првото место во спортската дисциплина пинг-понг на Државниот натпревар организиран од страна на Федерацијата на училиштен спорт. Исто така учествувала на домашни кампови организирани од страна на Пингпонгарската федерација на Македонија, но и на меѓународни кампови каде што стекнала огромно искуство. Секоја година учествува и на меѓународниот камп во Власина, Србија, од каде што понела големо позитивно искуство.
Бојана во својата соба има над 50 медали и повеќе од 15 пехари. Тоа ѝ дава уште поголема мотивација за поинтензивни тренинзи, а со тоа и за уште поголеми успеси.
– Главен виновник за моите успеси е тренерот Јован Ковачовски, кој неуморно работи со сите деца и е целосно посветен на нашите тренинзи. Заеднички постигнуваме одлични резултати. Тренерот Јован е голем ентузијаст, човек со визија и желба за напредок на децата. Покрај тоа што нѐ тренира, нѐ учи и на многу други вредности, да се дружиме, да си помагаме, да се социјализираме, како да бидеме подобри и да победуваме. Како заеднички да се радуваме на победата, но и да го надминеме неуспехот – вели младата спортистка.

Пингпонгарката Бојана Јовевска на сите свои врсници им порачува да спортуваат за да бидат здрави, среќни и исполнети.
– На сите другарчиња им порачувам да се занимаваат со кој било спорт. Јас особено го препорачувам пинг-понгот зашто преку оваа активност можете индивидуално да напредувате, но и да го зајакнете својот карактер – порачува седмоодделенката.
Од почетокот на годинава Бојана започна со учество на државни натпревари. Засега е на првото место во категоријата од 13 до 15 години и трета во категоријата до 19 години. Нејзина најголема желба е годинава да ѝ продолжи со успех. Тоа ѝ го посакуваме и ние.

Ф.Д.