На фестивал на училишна креативност во Санремо, Италија
- На големата сцена на театарот „Аристон“, дваесетте ученици од ООУ „Страшо Пинџур“, пред многубројна публика, во конкуренција со уште девет ученички групи од Европа, се претставиле со шестиот чин од претставата „Аладин“, изведувајќи ја уметничката кореографија што ја отсликува прославата на љубовта меѓу Аладин и Јасмин. Публиката ги наградила со силен и долг аплауз, а позитивните реакции биле очигледни и од страна на жирито. По настапот, учениците добиле голема поддршка од другите учесници на фестивалот
Драмскиот клуб при ООУ „Страшо Пинџур“ од Неготино, кон средината на април, имаше успешен настап на престижната сцена на театарот „Аристон“ во Санремо, Италија.
Настапот на нашите талентирани ученици беше во рамките на Светскиот фестивал на училишната креативност (GEF – The World Festival of Creativity in Schools), кој претставува еден од најголемите светски фестивали за ученици. Годинава фестивалот се одржа од 14 до 17 април во Санремо. Фестивалот е дел од глобалното движење што ја нагласува креативноста во образованието, заедно со иницијативи како што е одбележувањето на Светскиот ден на креативноста и иновациите, кој се прославува на 21 април.
Овој нивен успех ја разбуди нашата љубопитност, па отидовме да поразговараме и да откриеме повеќе детали. Наставничката Трајанка Апостолова, која заедно со своите колешки Александра Балкански и Јасминка Анѓелкова го води драмскиот клуб, ни откри како дошло до нивното учество во Италија.
– На наша голема радост и изненадување, директорката Љубица Толовска нè информира за конкурсот и нè поттикна да се пријавиме. За нас тоа беше одлична можност да бидеме дел од нов креативен предизвик. Фестивалот беше организиран во неколку категории: песна, оркестар, танц, театар, гимнастика и мода. Ние одлучивме да учествуваме со танц. Станува збор за „Танцот на Аладин“ (Aladdin dance), кој беше дел од нашата претстава „Аладин“. Значи ние веќе имавме материјал, направивме избор со што ќе се претставиме и се пријавивме на повикот – ни раскажа наставничката Апостолова.
Наставничката Александра, пак, рече дека поради долгото чекање на резултатите веќе речиси изгубиле надеж, но сепак пристигнала радосната вест.
– Моментот кога пристигна електронската порака беше исполнет со радост, возбуда и со гордост. Навистина да бидеш меѓу десетте финалисти, и тоа на сцената на Санремо, е голем успех. Уште поголема радост за нас е тоа што имавме можност да ги претставиме нашето училиште, нашиот град Неготино и нашата држава Македонија – вели наставничката Александра Балкански.
Јасминка Анѓелкова, пак, наставничка што е една од менторките во клубот, ни раскажа за впечатоците по настапот. На големата сцена на театарот „Аристон“, дваесетте ученици од ООУ „Страшо Пинџур“, пред многубројна публика, во конкуренција со уште девет ученички групи од Европа, прекрасно се претставиле со шестиот чин од претставата „Аладин“, изведувајќи ја уметничката кореографија што ја отсликува прославата на љубовта меѓу Аладин и Јасмин.
– Публиката нè награди со силен и долг аплауз, а позитивните реакции беа очигледни и од страна на жирито. Особено беше впечатлива парадата како завршен настан, каде што нашите деца веднаш станаа вистински ѕвезди – сите сакаа да се фотографираат со нив. Привлекуваа внимание низ целиот Санремо со својата костимографија – со радост истакна наставничката Јасминка Анѓелкова.
Важно е да се каже дека најголем дел од костимите, маските, како и сценографијата се подготвени од наставничките и од учениците што се и актери во кореографијата.
Ученичката Драгана Трајкова, која ја имаше улогата на Јасмин, сподели со нас дека учеството на овој реномиран фестивал во Италија за неа било незаборавно искуство.
– Настапот на големата меѓународна сцена во Санремо ми донесе голема радост, но и поголема самодоверба. Бевме горди што ги претставувавме нашето училиште и нашата држава. Особено ми значеше дружбата со ученици од други земји, запознавме нови пријатели, разменивме искуства и научивме многу за различни култури. Исто така, секој ден беше исполнет со активности. Присуствувавме и ги следевме сите настапи на учесниците во сите категории. Стекнавме многу нови искуства, кои во иднина можеме да ги искористиме во нашите идни проекти. Ова патување ќе го паметам засекогаш – со радост раскажа ученичката Драгана.
Инаку, драмскиот клуб при ООУ „Страшо Пинџур“ од Неготино постои две години, а во него членуваат педесетина ученици. Иако постои релативно кратко време, работи интензивно и досега, освен „Аладин“, ги продуцирал и претставите „Заспаната убавица“ и „Снежната кралица“.
Клубот постојано работи на развивање на креативноста, сценскиот настап и тимската работа кај учениците. Како резултат на успешното работење на Драмскиот клуб, минатата година, на Денот на Општина Неготино, беше одликуван со „Осмоноемвриско признание“ за постигнувања од областа на образованието.
Во моментов учениците, заедно со одговорните наставнички, работат на два проекта во соработка со Центарот за култура „Ацо Ѓорчев“, а се поддржани од Министерството за култура и туризам. Станува збор за еден проект од областа на фолклорот, а ја подготвуваат и претставата „Чорбаџи Теодос“.
































