По повод 75 години од снимањето
Американскиот анимиран филм „Алиса во земјата на чудата“ снимен во 1951 година, од компанијата „Волт Дизни“, добива обнова и преработка на материјалот по повод 75 години од снимањето. Целта на ваквата таканаречена 4К-реставрација е да биде појасен и да може да се прикаже на современите уреди, со цел да им се доближи на денешните млади генерации.
Филмот е снимен по мотивите од романите „Алиса во земјата на чудата“ и „Алиса од другата страна на огледалото“ на англискиот писател Луис Керол.
Приказната следи девојче по име Алиса, кое паѓа во чуден фантастичен свет исполнет со необични суштества, каде што владеат чудни правила и надреална логика.
Она што го прави филмот посебен е неговата уникатна визуелна естетика. Богатите бои, фантастичните пејзажи и необичните ликови создаваат чувство како гледачот да се наоѓа во сон. Во времето кога бил создаден, филмот бил вистински технички и уметнички предизвик. Аниматорите поминале години работејќи на деталите за да го доловат надреалниот свет на Алиса.
Интересно е што самиот Волт Дизни сакал да ја адаптира приказната уште од 1930-тите години. Сепак, проектот долго време бил одложуван поради сложеноста на приказната и необичниот стил што требало да се пренесе на екранот.
Кога филмот првпат бил прикажан, критиките биле поделени. Некои сметале дека приказната е премногу чудна и хаотична. Но со текот на времето, „Алиса во земјата на чудата“ прерасна во култен класик и денес се смета за едно од најкреативните анимирани остварувања на Дизни.
Влијанието на „Алиса во земјата на чудата“ и денес е огромно. Приказната инспирира голем број филмови, серии, видеоигри и уметнички дела, а многу режисери и аниматори го наведуваат филмот како една од своите најголеми инспирации. Меѓу најпознатите современи адаптации е и верзијата на режисерот Тим Бартон од 2010 година, која повторно го разбуди интересот за магичниот свет на Алиса.
И по седум и пол децении, „Алиса во земјата на чудата“ останува симбол на детската фантазија, љубопитноста и моќта на имагинацијата, филм што потсетува дека понекогаш најнеобичните светови се кријат токму во нашите соништа.
Ф.Д.
































