ФУДБАЛ – СП 2026
- Денеска е терминот кога селекциите мора да пријават прелиминарен состав од 35 до 55 фудбалери, а од 25 мај до 1 јуни е периодот кога мора да бидат испратени конечните состави со по 23-26 фудбалери, пишува ИОК. СП 2026 почнува на 11 јуни, со мечот Мексико – Јужна Африка (21 ч.)
Фудбалското Светско првенство (СП) во САД, Мексико и во Канада почнува по еден месец, а репрезентациите учеснички се на прагот да ги објават своите ѕвезди. Светската фудбалска федерација (ФИФА) постави рокови за селекциите што се пласираа на годинашниот планетарен шампионат, па денеска е терминот кога селекциите мора да пријават прелиминарни состави со по 35-55 фудбалери, вклучувајќи по пет голмани, пишува Интернационалниот олимписки комитет (ИОК).
Според најавите, 25 мај е датумот за клубовите кога мора да ги ослободат повиканите играчи во репрезентациите, потоа од 25 мај до 1 јуни е периодот кога репрезентациите мора да испратат конечни состави со по 23-26 фудбалери, вклучувајќи по тројца голмани, пишува ИОК. Иако листите генерално се сметаат за конечни, Светската фудбалска федерација дозволува промени, но под одредени услови, па, така, ако некој повикан фудбалер претрпи повреда, репрезентациите можат да го заменат тој фудбалер со друг до 24 часа пред нивниот прв натпревар на турнирот, пишува Интернационалниот олимписки комитет.
На Светското првенство годинава првпат ќе настапат 48 селекции и предвидено е да се одиграат рекордни 104 натпревари. Првиот дуел на фудбалскиот Мундијал е закажан за 11 јуни (од 21 часот според средноевропско време) помеѓу репрезентациите на Мексико и на Јужна Африка, во Мексико Сити. Првиот слободен ден на турнирот е 8 јули, а натпревари нема да се играат и на 13, 16 и 17 јули. Финалето е предвидено за 19 јули (од 21 часот) во Њу Џерси. Н.М.































