Фото: Илустрација/Архива

Демографските промени во Македонија оставаат сериозни последици врз образовниот систем, а институциите веќе подготвуваат мерки за прилагодување на училишната мрежа кон новите реалности. Намалениот наталитет, иселувањето на младите, стареењето на населението и регионалните нерамномерности довеле до значително намалување на бројот на ученици и неусогласеност меѓу бројот на ученици и наставен кадар, пренесе МИА.

Ова го истакна државната секретарка во Министерството за образование и наука, Елена Ивановска, на панел-дискусијата „Политики кои ги охрабруваат луѓето“, одржана во рамки на Регионална министерска конференција за демографска отпорност.

Според Ивановска, дури две третини од училишните објекти во државата се подрачни училишта, но во нив се образуваат само 12 проценти од вкупниот број ученици. Дополнително, во околу 100 училишни објекти во руралните средини наставата ја посетуваат помалку од пет деца, што сериозно влијае врз квалитетот на наставата, социјализацијата и пристапот до образовни услуги.

Од Министерството за образование и наука информираат дека оптимизацијата на училишната мрежа е неопходен процес со кој треба да се обезбеди поквалитетно и поправично користење на ресурсите, како и подобри услови за учење за секое дете, без разлика на местото на живеење.

Во рамки на реформите, МОН веќе работи на нов модел за финансирање на образованието, кој ќе биде усогласен со демографските трендови. Фокусот е ставен на подобро планирање на потребите од наставен кадар, мобилност, доквалификација и преквалификација, како и искористување на природниот одлив преку пензионирање, наместо преку нагли кадровски кратења.

Ивановска посочи дека едносменската настава, продолжениот престој, воннаставните активности, туторската поддршка за ученици со послаби резултати и образовната асистенција за децата со попреченост се дел од мерките насочени кон подобрување на знаењата и јакнење на човечкиот капитал.

Посебен предизвик останува нискиот опфат на деца во предучилишното образование, кој моментално изнесува околу 42 проценти, иако националната и европската цел е 96 проценти. Поради тоа, се разгледува можност дел од наставниот кадар од основното образование да биде преквалификуван и прераспределен во раното детско образование, каде што потребите се најголеми.

Од МОН оценуваат дека демографските промени не треба да се гледаат исклучиво како закана, туку и како можност за поефикасно планирање, подобро искористување на ресурсите и вложување во најраните фази од образованието и развојот на децата.