Филипче за идентитетот – лош ден или антимакедонска стратегија

Речиси секому му се случило, еднаш или повеќепати. Има денови кога човек станува наутро нерасположен и така му минува целиот ден. Матна му е главата, тешка му е мислата, ништо не му оди од рака. Не може да резонира разумно, не му успева да ги состави фактите и да склопи нормален заклучок. Еден таков „ќорав“ ден најверојатно имаше и Венко Филипче во својство на претседател на Социјалдемократскиот сојуз, и тоа на денот на одбележувањето на датумот од погибијата на Гоце Делчев.
Човек треба да е политички, историски, општествено, културно и лично елементарно неписмен или тотално анационален профил за да ја прими како точна и верна изјавата на Филипче дека Бугарија никогаш не го оспорувала македонскиот идентитет и дека тој не гледа или нема докази дека такво нешто се случува сега, во денешно време. Таква изјава може да даде човек што не следи актуелна политика, што нема персонална општа и историска наобразба, што нема способност да сфати политички стапици, да го перципира мериторно минатото и да ја согледа иднината. Ако изјавата не е продолжен ефект на кошмарен сон и лошо утринско будење, тогаш во прашање е сериозен церебрален дефект во мисловниот систем на познатиот и признаен неврохирург.
Дури и на птиците преселници им е јасно дека Република Македонија (сега Северна) на патот кон членство во Европската Унија е закочена од Бугарија само од прашања поврзани со идентитетот, со националната посебност на македонскиот народ. Со неговата самобитност, автентичност и историски изворна борба за самостојност. Со ништо друго. Бугарската националистичка политика, возобновена и последните години донапумпана, мошне умешно ги искористи темите од минатото како инструмент за запирање на македонската иднина кон западниот сојуз.
Несебична помош имаа во дел од македонските анационални политичари собрани во СДС, предводени од поранешниот претседател на Владата и партијата Зоран Заев. Овие заеднички сили се обидоа и донекаде успеаја делови од историјата на двата народа да ги свртат во корист на бугарските позиции. За почетокот на тој македонски пораз неизбришливо сведочи интервјуто на Зоран Заев за бугарската новинска агенција БГНЕС, кога тој неконтролирано, но со намера, ја блатеше македонската национална позиција градена со децении. По него, министерот за надворешни работи Бујар Османи, со потпишувањето на Вториот протокол, она што беше кал до колена го расфрла и на македонскиот образ. На тие немакедонски позиции сега се постави и Венко Филипче, епигон на неговиот спонзор, поранешниот партиски лидер.
Не е Македонија непријател на Бугарија. Бугарија е непријателски настроена кон Македонија и кон македонскиот народ. Бугарија е таа што ја запира и мати водата од реката, што го загадува изворот на пријателството. Двете држави и двата народа немаат никакви други недоразбирања освен за идентитетските прашања. А тие подразбираат минато, историја, народ, јазик и писмо. Бугарската влада и Собранието се тие што во октомври 2019 година (значи во наше време) донесоа декларација во која се наведуваат серија услови и закани за блокада на Македонија на патот кон ЕУ, меѓу нив и дека не смее да се споменуваат македонскиот јазик и бугарскиот фашистички окупатор.

Декларацијата содржи повеќе од 20 услови што задираат во историјата и идентитетот на државата и граѓаните на Северна Македонија, која треба да ги исполни за да стане членка на ЕУ. Во неа е и заклучокот дека „треба да биде јасно дека јазичната норма што е прогласена за уставен јазик во Република Северна Македонија е поврзана со еволуцијата на бугарскиот јазик и неговите наречја со неговата кодификација во 1944 година“. И дека „ниту еден документ во процесот на пристапување (кон ЕУ, .з.м) не може да се сфати како признание од бугарска страна за постоењето на т.н. ’македонски јазик’ различен од бугарскиот“.
Само намерно слеп не може да согледа дека Македонија и Бугарија немаат никаков друг проблем освен со наводно нерасчистени делови од историското и културолошкото минато на двата народа. Македонија и Бугарија немаат проблем со границите, граничните премини функционираат нормално. Нема визи. Луѓето од двете страни на границата се движат слободно, одржуваат роднински врски, тргуваат, купуваат, продаваат. Овде има бугарски фирми, таму македонски. Врти капитал. Илјадници македонски граѓани добија (купија) бугарски државјанства, македонската држава не направила чекор тој процес да се спречи. Нема меѓусебни спорови како што имаат други држави за користење води, за реки, за езера, за воздушен простор, за железница и автопатишта. Нема никакви, барем јавно, проблеми за економска, културна, спортска и друг вид соработка. Нема разлика околу припадноста кон Западна Европа, дотолку повеќе што и двете земји се под заедничкиот чадор на НАТО, членство што ги обврзува еднакво на меѓусебна соработка, разбирање и помош кога е потребно.
Значи, не се проблем цивилните современи прашања, освен вметнатиот проблем со барањето на впишување на Бугарите во Уставот на Македонија, што пак е поврзано со идентитетот. Проблем се историјата, минатото, јазикот, писмото. Од Свети Климент, преку цар Самоил, до Илинденското востание и натаму околу Гоце Делчев, браќата Миладиновци, Григор Прличев до Тодор Александров и Ванчо Михајлов. Оттаму до Сталин, до Тито и до македонската конечна државна независност. Македонија признава дека во неа живеат Бугари (македонски Бугари), Бугарија не признава дека во неа постојат Македонци. Тие се идентитетски прашања што ги тангираат двата народа, а за кои Бугарите живот даваат ама вистина не даваат.
Изјавата на Венко Филипче сведочи дека Социјалдемократскиот сојуз не ја напуштил политиката што е оперирана од патриотизам, национално чувство и заштита на интересите на македонскиот народ. Таквата политика во неколку наврати ѝ се удри од глава на партијата, која, токму поради тоа, доживеа следователни тешки изборни нокаути. Несфатлив е мазохизмот да се истрае на политика што е далеку од народот, што е со километри далеку од гласачкото тело, од политичкиот воздух што го дише македонскиот народ.

Партиската заблуда, претворена во стратегија, дека со виткање кичма, со додворување кон странците и со лицемерни односи кон домашните гласачи не донесе резултат. Таквите обиди што ги форсираше партијата и во времето на Заев и на Димитар Ковачевски се покажаа нефункционални, комични и поразителни не само за партијата туку за целата држава.
Затоа воопшто не е чудно или необјасниво зошто СДСМ од прва падна на четврто место по сила и влијание, осетно зад ВМРО-ДПМНЕ, зад ДУИ и зад Влен, а некои тврдат дека е рангирана и под Левица. Сето тоа се знаци дека партијата ако не ја промени својата анационална доктрина, ако не покаже извесен степен на патриотизам и суштествен македонизам, се ближи на чекор кон амбисот, кон својата неизбежна катастрофа. Не е мал бројот на луѓето што го чекаат тој расплет, дури и меѓу оние што ја спомнуваат наводната тајна врска со ВМРО-ДПМНЕ и со власта, кои, од своја страна, имаат интерес да суштествува ваква бласфемична опозиција.