Фото: ЕПА

Лидерот на Националниот собир, Жордан Бардела, се залага за крупни политички и идеолошки промени за Франција

  • Бардела моментално е водечки политичар во Франција според популарноста и се спомнува како сѐ поверојатен кандидат на неговата партија за следните претседателски избори во Франција в година. Тој во јавните обраќања нагласи дека „измина времето на макронизмот“ и најави отстранување на знамето на ЕУ од Елисејската палата во согласност со неговите суверенистички определби

Нашата татковина секогаш наоѓала во себе сила и надеж потребни за да се издигне повторно. Пламенот на нацијата одбива да се изгасне. Јованка Орлеанка, „отелотворената душа на Франција“, „најголемата фигура во нашата историја“, и по 600 години нè учи на нешто суштинско: не ја создаваат моќните секогаш историјата, туку луѓето, кои одбиваат да се откажат. Taa ни зборува сè уште и денес: никогаш не откажувајте се. Никогаш не сомневајте се во тоа кои сте. Никогаш не дозволувајте им на другите да одлучат за судбината на Франција наместо вас. Ова беа клучните пораки што ги упати до францускиот народ 30-годишниот Жордан Бардела, еден од двата лидера на Националниот собир на Франција, на нивниот митинг одржан во близината на Париз на 1 мај.

Остар однос кон ЕУ и кон политиката на Макрон

Според најновата сондажа на ОДОКСА, независниот истражувачки француски институт за испитување и анализа на јавното мислење, спроведена на 28 април, Бардела е моментално водечки политичар во Франција. Како сѐ поверојатен кандидат на неговата партија за следните претседателски избори во Франција в година, ако законските пречки конечно ја дисквалификуваат Марин Ле Пен, вториот лидер на Националниот собир, Бардела би добил околу 34 до 38 отсто од гласовите во првиот изборен круг, а во вториот круг се смета дека би победил против можните ривали, според некои сценарија, со дури 53 отсто од вкупните гласови на француското гласачко тело. Партијата на Бардела и Ле Пен е исто така, според сондажите на јавното мислење, водечка партија во Франција.
– Франција денес е запоставена. Ние сакаме да постигнеме нова француска преродба. Обнова на оние што управуваат со судбината на Франција. А Националниот собир е подготвен да ја преземе својата одговорност на денот кога францускиот народ ќе одлучи – порача Бардела на првомајскиот митинг, упатувајќи му посебна порака на сегашниот шеф на француската држава: „Измина времето на макронизмот!“
Сепак, Бардела и неговите сопартијци не уживаат секаде симпатии во француското општество.
Инаку, на 30 април, еден ден пред митингот, Бардела отворено најави отстранување на знамето на ЕУ од претседателската елисејска палата Ке д’Орсе и од премиерската резиденција Матињон, ако победи на претседателските избори во 2027 година. Во својата изјава Бардела нагласи дека „Елисејската палата не е обична зграда, туку место со силно историско и симболично значење“. Како што рече, „тоа е дом на францускиот народ“ и „токму затоа верува дека таму треба да се истакнува само француското знаме“. Во меѓувреме, на крајот на годинашниов март, неколку градоначалници од редовите на Националниот собир, избрани на општински избори, веќе ги отстранија знамињата на Европската Унија од своите општински сали.

Националниот собир – кредибилна политичка сила со реален потенцијал за преземање на власта

Што велат некои од водечките европски експерти за Бардела и неговата партија околу тоа колку можат навистина да го променат курсот на внатрешната и надворешната политика на Франција, да успеат во нивните цели, кои се однесуваат не само кон Макрон туку и кон Европската Унија? Најпрвин ќе се задржиме на позицијата на Бардела, Лепен и нивната партија во врска со прашањето што е од посебен интерес за проширувањето на ЕУ, а со тоа и за македонската јавност.
Според најновите информации, ставовите на Бардела, Ле Пен и партијата Национален собир на Франција се резервирани кон брзото проширување на Европската Унија. Нивната платформа се фокусира на суверенитет и приоритет на националните француски интереси пред европската интеграција и проширувањето на ЕУ. Во тој контекст бриселски „Политико“ во својата анализа од 27 април посочува: „…Жордан Бардела изјави дека неговото прво патување како француски претседател ќе биде во Брисел, ветувајќи конфронтација со Европската комисија, поради она што го опишува како прекумерно германско влијание во институциите на ЕУ. Нашето прво патување ќе биде во Брисел, каде што ќе ги браниме интересите на нашата земја, нагласи Бардела“.
Експертските анализи од почетокот на месецов укажуваат дека Жордан Бардела и Националниот собир веќе не се гледаат како маргинална закана, туку како кредибилна политичка сила со реален потенцијал за преземање на власта. Сепак, аналитичарите се поделени во однос на нивната способност за радикална промена на курсот на Франција. Експертите го забележуваат подемот на Бардела како резултат на неговиот „полиран“ имиџ, кој му овозможува да допре до нови гласачки тела. Виктор Малет во својата анализа посочува дека партијата еволуирала од „маргинално движење во најголема партија на нацијата“, а Бардела се смета како клучен за привлекување гласачи од десниот центар. Професорот Жан-Ив Ками нагласува дека поддршката за Националниот собир не е само „протестен глас“ туку и „одраз на општество што се бори со нееднаквост и со прашања на националниот идентитет“, што му дава на движењето „подлабок легитимитет“. Пол Тејлор од Центарот за европска политика предупредува дека „Европа веќе се подготвува да ја ограничи моќта“ на Бардела, признавајќи ја реалната можност за негова победа во 2027 година“.
Уставниот експерт Ан-Шарлен Безина посочува дека „многу од предлозите на Бардела (како ограничување на социјалните придобивки за странци) веројатно би биле отфрлени од Уставниот совет како спротивни на францускиот Устав“.
Политичките аналитичари забележуваат тактичко ублажување на ставовите, но со задржување конфликтен тон. Во однос на стратегијата кон ЕУ, според експертите и аналитичарите, Бардела повеќе не се залага за „фрегзит“ (излегување на Франција од ЕУ), туку за наметнување на француската агенда во Брисел. Како што објаснуваат аналитичарите за „Политико“, тој се залага за „помалку Брисел, повеќе Париз“, за „поинаква Европа“, која ги штити националните суверенитети, што, според нив, би довело до „директен судир со германското влијание“.

Свето Тоевски