Фото: Маја Јаневска-Илиева

Кога политиката на додворување значи и замижување пред реалноста

  • Нема никаква дилема дека државната позиција во меѓународните односи се зајакнува со принципиелност и факти, а не со дефанзивен пристап или игнорирање на реалноста. Смирувањето на тензиите преку прифаќање наративи што директно се во спротивност со историската вистина и со мнозинската волја на македонскиот народ создава перцепција за „подобна“ преговарачка страна, која е подготвена на отстапки на штета на сопствениот идентитет. Таквиот пристап дефинитивно ја одвраќа другата страна од вистински дијалог

Прашањето за националното единство во Македонија се наоѓа пред историски предизвик, кој бара надминување на партиските калкулации и воспоставување цврст државен бедем, особено кога сè повеќе држави се приклонуваат кон суверенистичкиот пристап во време на новите геополитички преструктурирања.
Од тие причини, градењето консензус за идентитетските прашања е невозможно доколку одредени политички елити во земјава и натаму се оглушуваат на јасните и официјални позиции на соседните држави, кои не признаваат македонски народ и јазик по 1944 година. Имено, кога одредени политички чинители ги релативизираат децениските негирања на македонскиот јазик и посебност, тие не само што го слабеат внатрешното кохезивно ткиво туку и испраќаат сигнал на слабост кон надворешните фактори.
Нема никаква дилема дека државната позиција во меѓународните односи се зајакнува со принципиелност и факти, а не со дефанзивен пристап или игнорирање на реалноста. Смирувањето на тензиите преку прифаќање наративи што директно се во спротивност со историската вистина и со мнозинската волја на македонскиот народ создава перцепција за „подобна“ преговарачка страна, која е подготвена на отстапки на штета на сопствениот идентитет. Таквиот пристап дефинитивно ја одвраќа другата страна од вистински дијалог заснован на европски вредности и, наместо тоа, ја охрабрува тактиката на чекање додека не се појави политичка структура што би била попопустлива и која би прифатила и други нејзини барања.

Релативизирање на позициите на соседите

Деновиве се води бурна полемика во јавноста по изјавите поврзани со ликот и делото на Гоце Делчев изнесени од висок партиски функционер на опозициската СДСМ, а полемиката уште повеќе се разгоре откако и првиот човек на СДСМ, Венко Филипче, рече дека не гледал дека Бугарија со што било го негира македонскиот идентитет.
– Ние никаде од Бугарија не сме слушнале дека го негира нашиот идентитет, ниту, пак, нешто е направено во времето на владите на СДСМ со цел да се загрози нашиот национален идентитет. Ние имаме една работа и се знае што треба да се направи со цел вистински да започнат реформите и со цел вистински да продолжи патот на евроинтеграции. Тоа се уставните измени. И со уставните измени, со кои ќе се стават во Уставот Бугарите, Хрватите и така натаму, ама буквално ништо не е загрозено – рече Филипче, одговарајќи на новинарски прашања на денот на одбележувањето на 123-годишнината од загинувањето на Гоце Делчев.
Ден потоа се обиде да ја појасни изјавата, додавајќи дека на тој начин ќе се направела јасна дистинкција, која „де факто“ ќе значела признавање дека Македонците и Бугарите се различни народи.
– Никогаш не го негирале македонскиот идентитет. Бугарите во Уставот е европско барање и претставува јасна дистинкција меѓу двата народа. Како ни е загрозен идентитетот кога утре ќе има бугарско малцинство и македонски народ? Креирањето лажни вести и непријатели од соседите не е во духот на добрососедските односи. Ако има бугарско малцинство, сосема различно од македонскиот народ, како е загрозен нашиот идентитет? Следно јазикот, каде е загрозен? Тој е потврден во ОН и ЕУ. Нема објаснување, не е загрозен, нема ѕвездичка, потпишан договор со сите земји членки на ЕУ со македонски јазик – се дообјаснуваше подоцна Филипче.

Официјалната бугарска доктрина е конзистентна во негирањето на
македонството

Во разговор со повеќе историчари, како и поранешни дипломати што долги години ги следат македонско-бугарските односи, ни беше посочено дека изјавите од ваков тип не носат добро за државата.
– Можеби по неколку дена и оваа изјава на лидерот на опозицијата ќе се објасни како извадена од контекст, но не може да се затвораат очите пред едновековната бугарска негаторска политика кон земјава. Значи, имавме јасни изјави на нивни владини претставници, поранешни министерки за надворешни работи на Бугарија, кои јасно тврдат дека тие признаваат македонски народ и јазик по 1944 година. Дури и признавањето на независноста на Македонија пред повеќе од три децении беше само на територијата, не и на народот и јазикот. Значи, како суверена држава мора да градиме политики што се од македонски национален интерес, а не во интерес на НАТО, ЕУ или која било друга организација или асоцијација. Не смееме да кокетираме со соседите така што ќе кажуваме дека тие не нè негирале. Па, што беа оние стотици амандмани на извештајот за напредокот на земјава во Европскиот парламент освен директна негација? Сега може да замислиме какви други амандмани се подготвуваат. Значи, политиката е една работа и таа треба да биде натпревар на идеи и проекти за добро на граѓаните, но кога станува збор за националните интереси, тогаш ни е потребен обединет настап. Само така ќе имаме соговорници од другата страна на кои ќе им биде јасно дека постојат цврсти црвени линии за одредени прашања. Така се гради и суверенизмот, она што е наш национален интерес, заеднички да го браниме и да опстоиме на тие позиции, без оглед која влада и да дојде – велат нашите соговорници.

Според нив, заштитата на македонските национални интереси бара будност и автентично претставување на позициите што се веќе втемелени во државните институции и научната мисла.
– Зошто постојат нашите институти за историја и за македонски јазик? Политичарите треба да се консултираат со науката пред да се истрчуваат со изјави што прават само штета. Секое отстапување од националните линии во име на „добрососедство“ што е еднострано, всушност ја оддалечува државата од достоинствена интеграција во меѓународните сојузи. Национално единство не се гради со затворање на очите пред негирањето, туку со обединување околу вистината дека правото на самоопределување и јазикот не можат да бидат предмет на трговија или политичко додворување – заклучуваат нашите соговорници.