• Овој мастерклас претставува ретка можност за директна средба со врвен светски експерт и е наменет за филмски професионалци, студенти и сите што сакаат да го продлабочат своето знаење во областа на звучниот дизајн, информираат од Агенцијата за филм

По повод одбележувањето 20 години постоење на Агенцијата за филм започнува серија на мастеркласови со врвни меѓународни професионалци, за унапредување на знаењето и вештините во помалку застапените, но клучни сегменти на филмската индустрија.
Првиот мастерклас ќе се одржи во Скопје, денеска во 11 часот, во киното „Синеплекс“ во„ Скопје сити мол“.
Гостин -предавач е Енди Кенеди од Англија, еден од водечките светски професионалци во областа на дизајнот и монтажата на звук, добитник и номиниран за престижните награди Еми и Бафта.
Енди Кенеди е еден од поискусните професионалци во областа на филмскиот звук, со кариера што опфаќа повеќе од три децении и над 90 филмски и телевизиски проекти. Добитник е на две награди Еми за монтажа на звук на мини-сериите „Бенд оф брадарс“ и „Генерејшн кил“. Претходната недела беше номиниран за Бафта крафт аворд за најдобар звук на серијатa „Локербај: А срч фор трут“.
– Неговиот пристап се одликува со силен фокус на автентичност и детална звучна атмосфера, при што често користи реални теренски снимки за да постигне уверливо и емотивно аудиоискуство. Особено се истакнува во проекти каде што звукот има клучна улога во раскажувањето, како што се историски драми и комплексни телевизиски продукции. Неговиот професионален ангажман го вклучува во некои од најзначајните светски продукции, меѓу кои се издвојуваат: „Игра на троновите“ (прва сезона), „Бохемијан рапсоди“, „Д краун“, „Бетмен бегинс“, филмовите од франшизата „Хари Потер“, „Д имитејшн гејм“ и „Фантастик м-р Фокс“ – информираат од Агенцијата за филм.
Препознатлив по својот пристап, кој се темели на автентичност, прецизност и емоционална длабочина на звукот, Кенеди ќе понуди уникатен увид во процесот на создавање звучен идентитет во современата филмска продукција.
Овој мастерклас претставува ретка можност за директна средба со врвен светски експерт и е наменет за филмски професионалци, студенти и сите што сакаат да го продлабочат своето знаење во областа на звучниот дизајн. Настанот ќе се одржи на англиски јазик. Влезот е слободен, но местата се ограничени и неопходно е претходно пријава на следниот линк: https://forms.cloud.microsoft/e/mWsB4PiaML
Дополнително, на 8 мај ќе се одржи и затворена практична работилница, наменета за режисери и професионалци од постпродукција, каде што учесниците ќе имаат можност за непосредна работа и размена на искуства со предавачот.