Согледба и искуство

Денешната наша колумна, драг читателу, е дводелна. Првиот дел е општ, а вториот личен: лична согледба и искуство со нив и во нашиот институционален систем. Поет, никогаш не сум имал потреба за јавна исповед. Сепак, и со мојот микропример може да се фрли светло на госпоѓата кралица „Институција“. Пред некоја година жена ми Фимка дури и ми даде тетратка за некои и институционални неправди што ни се случиле мене и на семејството. Но остана празна, оти мемоарството никогаш не ме привлекувало, а не сум ни одмаздољубив. Налик сум на Индусите, никогаш не сум ја запишувал ни хронологијата на настаните, како да ме интересирала повеќе безвременоста отколку времето и невротичната река на Хераклит.
Така. Но што е тоа Институција. Тоа е, по дефиниција, некој вид организација за да се заштити човекот од неправда и зло. Во својата славна декларација за независноста и човековите права, раниот американски претседател Џеферсон вели: „Човекот се раѓа со вродени и неотуѓиви права“. Сјајно. Фактички Џеферсон кажува дека станува збор за едно пренатално право што му е дадено генетски, според божјата милост, на човекот.
Дефиницијата на Џеферсон за вродените и неотуѓиви права е барем теориски совршена, бидејќи и покрај неа во негово време постоеле црни робови што работеле на плантажите на богатите американски белци. Сепак, макар и интуитивно неговата дефиниција била залегната и во свеста на архаичните магиски цивилизации од Сумер, Асировавилонија, преку Стариот Египет, сè до македонската, старогрчката и римската цивилизација. Најпосле по нив тука е по римската и модерната Западна цивилизација. Итн. Со еден збор, и најглавната институција, драг читателу, државата, е создадена да ги штити „вродените и неотуѓиви права“, со кои по божја дефиниција се раѓа човекот. Да. Но се покажа дека институцијата Држава уште од архаичните времиња на еден му ги признава вродените и неотуѓиви права, а на друг не. Едни биле повластени, а други не. Повластен бил владетелскиот слој од повисокиот ешалон до пониските, а другите биле нивни слуги и робови. За нив не важел законот на предестинацијата, на Божјата милост. Итн. Јасно ли ти е, драг читателу? А тоа е така божем цивилизациски модифицирана форма и денес во светот, па и кај нас. Идеалната држава во која сите ќе бидат божествени и задоволни ја замислуваше Платон, но без поети, за кои, пак, Елиот мислеше дека треба да се државници. Но и тој грешеше, ако ги имаме предвид некои од нашите поети и писатели, кои беа далеку од Правдата и Вистината и повлечени во глувчешка дупка кога нè ликвидираа идентитетски. Така, додека сјајниот руски поет Осип Мандељштам, кому ни гробот не му се знае во сибирските логори на Сталин, во една песна вели дека и во смртта подземи ќе му се мрдаат усните и ќе шепотат, кажувајќи ја приказната за Правдата и Вистината.
Секоја чест на Платон за идеалната држава од која ги исфрли надвор Хомер и Хесоид, кои му ги критикуваа неговите богови како архетипови на неговите идеи. Но тоа е Маркс, сјајниот Маркс, кој државата немилосрдно исправно ја дефинира само со една проста реченица: „Државата е апарат за угнетување“ во која, се подразбира, секако учествуваат и сите нејзини институции, макaр биле и од областа на уметноста и културата.
Па и кај нас денес во нашето таканаречено мултиетничко, мултикултурно, мултидемократско и не знам сè какво не мултиопштество е на сила максимата на Маркс за државата и нејзините институции како „апарат за угнетување“. Држава што има куп министерства, некои како она за добро владеење (така ли се викаше), или она за меѓуетнички односи во кое Артан и другите челници во него играа кошарка и мал фудбал. Итн. А сè тоа народот го плаќа и позлатува како, сега, некој цивилизациски софистициран колективен роб. Во случајот станува збор за она што Сартр го дефинира прецизно како „мачнотија на постоењето“, а Ками во неговата филозофија на апсурдот говори за граничната ситуација во која се наоѓа модерниот човек: самоубиството, за кое тој вели дека е основна тема на Филозофијата. Ако тука, пред него во еден поефектен вид не го кажал тоа Чехов со една парадоксална реченица со која почнува еден негов расказ, а која шокантно гласи: „Каков прекрасен ден, не знаеш дали да пиеш чај или да се самоубиеш“. И кај нас има кај народот оголен до кожа такви „прекрасни“ денови, само што тој не пие чај туку ракија. Оти и нашите модерни државни институции (не само правосудството) по распадот на Југославија создаваат такви „прекрасни“ денови, кои тешко ќе ги опише дури и некој гениј каков што е тоа Гогољ. Да ги опише нашите државни и институционални Чичиковци, Ноздрјови, Собакевичи и Коробачки, како и „мртвите души“ (името и на Гогољевиот роман), со кои, како и Чичиков тргуваат нашите владетели за нивно гласање на изборите.
Доволно. Само во сиот овој контекст, драг читателу, можеме да сфатиме и зошто Христос го сакал и ценел институционалниот морал и го проповедал „Божјото царство“, кое меѓутоа не е на небото туку во човековото срце во кое се вглобени божјата Правда и Вистина. Тој признавал само две вонинституционални и вондржавни институции што му се потребни на човекот: Слободата и Љубовта. А за тоа е потребна личност, не партиски безличен и роботизиран со партиска, ама профитабилна книшка, „човек без својства“, како што би рекол Роберт Музил во својот истоимен роман. Потребна е слободна личност, а кај нас, па дури и во божем демократски поразвиените европски општества, е сè потешко да ја најдеш неа.

Јас лично, драг читателу, (дојдовме па мојот микропример) добро го имам почувствувано и искусено тоа. Не еднаш, на двапати бев исфрлан од една наша партија од работа (нема да ја именувам, самата нека се именува) само затоа што немам партиска книшка. Бев двапати по три години во егзистенцијална бездна со семејството, потпрен само на Господ и некои добри пријатели, божји луѓе што помогнаа да преживееме. А во првиот случај дури ми беше понудено и амбасадорско место ако ставам партиски потпис, како Фауст на Мефистофел во старогерманската легенда што ја обработи драмски генијално Гете. Јас не дадов потпис и тоа скапо нѐ чинеше и мене и семејството. Тоа се случува, драг читателу, ако пловиш против струја (а преведи го тој поим струја во партија и партизам, во униформиран и безличен, во антиличност, во човек машина, или вештачка интелигенција, ама кај нас и со недостиг од интелигенција). Итн.
Долга е приказната и не сакам да ја интимизирам. Го кажувам само елементарното, неопходното во личното искуство на зададената тема во насловот на колумнава, драг читателу, и толку. Па јас и во Југославија пловев, каков што ме дал Господ, (а сум му благодарен) против струја, бев антикомунист и антититоист, ама не ме исфрлаа тајните служби на улица (бев новинар во „Млад борец“) во егзистенцијална бездна како што ми го направија тоа сегашниве, само не ми дозволуваа да се искачам на повисоко место. Во две издавачки куќи бев викан за уредник, но не ме примаа како морално-политички неподобен за што добиваа информација од тајните служби на режимот. Итн. А во секоја институција има барем по едно скриено Наполеонче, кое сонува да биде Наполеон. Па и самиот француски (од Корзика) Наполеон со мал раст за да порасне во голем Наполеон или Наполеониште ја запалил незаштитената Москва, но се знае како поминал потоа во руската зима и на Бородино.
Оваа дигресија, драг читателу, не е празна и е во контекст на сè за што зборуваме во колумнава во која сега ќе се префрлиме на една културна институција во која имам поминато долги години, а тоа е ДПМ, кратенка за Друштвото на македонските писатели. Јас него го напуштив, заедно и со ПЕН-центарот (во кој бев и секретар), во време кога се ништеше македонскиот идентитет, а моите колеги писатели и поети од тие друштва не го кренаа гласот против катастрофата на нивниот народ. А и понатаму молчат за таа трагедија. Јас не сум член на ДПМ, но негови членови се двајца од моето семејство (сјајни поети) жена ми Фимка и син ми Филип. Но во што е сега приказната? Во тоа што ја побарав просторијата на друштвото за промоција на новата книга есеи, бидејќи не најдов друга, а промоцијата беше временски ограничена на краток рок. Му се јавив на претседателот пред Велигден, а тој по Вибер ги извести членовите на Управниот одбор за тоа, со назнака дека треба итно да одговорат. Се јавив првиот ден по Велигден, но претседателот ме информира дека од никого нема одговор, а и имале принцип да им ја издаваат просторијата на нечленови како мене во закуп за 4.000 денари. Јас одговорив: сеедно, само сакам одговор до утредента напладне, ајде и до 17 часот, да бидам известен, но во договорениот ден и саат не ми се јави претседателот на друштвото, Гроздановски. Ми се јави спротивно на договорот утредента, со некое извинување дека претходниот ден бил многу зафатен, а и никој од колегите во рокот не се јавил од Управниот одбор. Тоа го сториле дури доцна ноќта тројца од одборот со да, а тројца со не. Нешто се тактизирало, мислело, а јас наивен мислев дека ќе минам без проблеми и едногласно. Но испаднав многу наивен, простодушен.

Еднаш претседателот на ДПМ штедро и ме покани да се вратам во таа институција, но јас му објаснив дека тоа е невозможно. Му ги кажав причините, но му реков дека ќе соработувам со друштвото ако е потребно некогаш тоа, на што тој замолче и така се заврши разговорот, иако потоа бев повикан од него да зборувам во друштвото за Олга Панкина, преведувачка и промоторка на македонската литература и култура во големата Русија, за што како што ми кажа тој бил искаран од претседателот на Управниот одбор, Зоран Анчевски.
Да. Јас пак си најдов просторија за промоција; „Матица ексклузив“ на Раде Силјан, без збор. Така. Туку зборот ми е за тоа, а влегува во контекст на приказната со ДПМ. Некој рекол, мислам Виктор Игo, дека „во смртта сите сме современици“. Но јас мислам, драг читателу, францускиот гениј не зел контекстот за кој станува збор и една друга варијанта дека и во животот во литературата и уметноста сите сме современици. Па и јас тоа му го реков на претседателот на друштвото, не заради нарцизам, туку заради реалноста, дека по таа линија бидејќи сум македонски писател по дефиниција сум член и како нечлен (парадоксот е на место) на ДПМ, затоа што сум современик со Климент Охридски од тој аспект (првиот македонски и словенски поет) и со сите писатели и уметници од него до денес, слично како и моите колеги во писателската асоцијација.
Така. Па како член на ДПМ, во пошироката смисла на тој поим, изгледало тоа некому и фигуративно, можам да искажам тука и некои мои погледи за нашето современо писателско друштво, а тоа е во врска со неговиот новитет, воведување да се плаќа годишна членарина, која, пак, е причина по себе (дали плаќаш или не), според што писателите во друштвото се делени во две категории: „активни“ и „пасивни“. Чудна категоризација, но и апсурдна затоа што априори таа е изведена на принципот на членаринaта (платена или неплатена), а не врз принципот на производството на литературни дела. А апсурдот е во тоа што ако не си jа уплатил навреме, до одреден рок, чланарината се прогласуваш, категоризираш како пасивен писател и не ти е дозволено, макар да си издал и генијално дело, да учествуваш на годишниот конкурс за наградите (еден куп) на ДПМ. И тука е апсурдот на таа несреќна формулација на некој мудрец или тим мудреци на таа асоцијација. Апсурдот ќе го илустрирам со една аналогија што ним ќе им изгледа исто така апсурдна, но е функционална како објаснувачка. Еве, да претпоставиме дека Леонид Пастернак е Македонец и е член на ДПМ, но смета дека членарината треба да се укине од принцип, не ја плаќа и затоа е ставен во фантасмагоричната графа на друштвото „пасивни писатели“ иако активно произведува прекрасна литературa, ама не може да влезе во графата „активни писатели“ поради неплатената членарина. Така, и затоа тој и не може да конкурира за наградата за роман на друштвото на македонските писатели „Стале Попов“ со неговиот генијален роман „Доктор Живаго“, ама може да конкурира за Нобеловата награда, бидејќи таму нема членаринска категоризација на писателите, па така, и jа добива наградата. Друга работа е, пак, што од свои принципи тој одбива да ја прими. Скромен гениј.

Тука завршуваме, драг читателу. Членаринската категоризација на писателите за „активни“ или „пасивни“ има далечен мирис на некој тоталитарен систем, колку и да звучи од наша страна, драг читателу, ригорозно речено тоа. Тоа има дури аналогија и со партиска книшка, за што зборувавме понапред. Во таа смисла ќе кажам само како илустрација дека и јас и жена ми и син ми (Господ ни дал, фала му, на тројцата писателски дар) поради нашата неприпадност кон ниедна партија, а пред сè поради моите јавни истапи и критики на партијата што го продаде името бевме сите тројца на црната листа на Министерството за култура и не можевме да објавиме со државно-културен динар ни една единствена книга. Едноставно за нив бевме „пасивни писатели“ поради неплатена партиска членарина. И оваа аналогиja е доволна. Конечно ставаме точка. До следната наша средба, драг читателу, сè најубаво.