Фото: Маја Јаневска Илиева

Со свечен настан во Собранието беше одбележан 5 Мај – Денот на македонскиот јазик, годинава во знакот на 80-годишнината од објавувањето на првата граматика на македонскиот јазик од Круме Кепески.

Настанот го отворија претседателката на Комисијата за култура и туризам, Саранда Имери-Стафаи, и потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска.

Имери-Стафаи, како филолог и наставник по англиски јазик, истакна дека јазикот е жива материја која мора да се негува токму таму каде што се раѓа писменоста, во училишните клупи, а Граматиката на Кепески го воведе македонскиот јазик во тие клупи.
– За да го разбереш светот и другите култури, мора прво да го владееш својот мајчин јазик“ – порача Имери-Стафаи.

Фото: Маја Јаневска Илиева

Потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска, се повика на зборовите на, како што рече – патријархот на македонското писмо, македонскиот великан Блаже Конески: „Послушајте Македонци! Јазикот е единствената наша татковина. Сѐ додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски, ќе може да сметаме дека ја имаме и татковината. Како куќа, како дом, како огниште.“

Бендевска се наврати на епохалното дело на Крсте Петков Мисирков „За македонските работи“ каде се вели дека јазикот на еден народ е негово духовно богатство и наследство во кое се содржани и длабоко врежани сите народни чувства и стремежи што се пренесуваат од колено на колено. Познатите стихови на Петре М. Андреевски велат: „Без јазикот ќе си недостигаме самите на себе, оти само јазикот никогаш не нè оставил сами, и тој памети многу повеќе отколку што ние можеме да заборавиме“.

– Македонскиот јазик е кодот на нашата културна особеност и нашиот уникатен светоглед, во секој поглед – заклучи Бендевска.

За важноста на изучувањето на македонскиот јазик во образованието, со осврт на Граматиката на Круме Кепески зборуваа пратеничките: Даниела Христова, Иванка Василевска, Велика Стојкова-Серафимовска и Бисера Костадиновска-Стојчевска; како и универзитетските професори Димитар Пандев, Васил Дрвошанов и Јованка Кепеска.

Фото: Маја Јаневска Илиева

Христова истакна дека јазикот е тивок сведок на корените, во секој збор има историја, во секоја реченица – идентитет.
Таа зборуваше за важноста на македонскиот јазик во образовниот процес, притоа потенцирајќи го практичниот пристап и примената на Граматиката на Кепески во наставата. Исто така, ја нагласи улогата на наставникот да се почитува улогата на зборот.

Македонскиот јазик е сржта на образованието, посебно во една мултикултурна држава, каде ги поттикнува комуникацијата и разбирањето. Во својот говор, Василевска истакна дека јазикот е повеќе од средство на комуникација, тој е примарна структура на знаењето, јадрото на образовниот процес. Со јазикот се предава, се учи и се создава знаењето. Тој не е само наследство, туку активна сила. Граматиката, пак, рече таа, е највисок степен на јазичната свест. Делото на Кепески е активно присутно во секоја училница и ја насочува образовната практика.

Стојкова-Серафимовска се осврна на она што значи јазикот во фолклорот, неговата улога во приспивните песни, детскиот фолклор, обичаите, брзозборките, гатанките, басните. Ја потенцираше мелодичната, впечатлива и ритмична македонска народна музика, 7/8 ритам, зачуваната богата дијалектика, собирачката дејност како алатка за зачувување на јазикот. Од своја страна, Костадиновска-Стојчевска се наврати на вложените заеднички напори за носењето на Законот за употреба на македонскиот јазик, кој има многу обврски, и побара негова примена час поскоро. Да се зборува за важноста на македонскиот јазик во образованието со осврт на Граматиката на Круме Кепески, значи да се навлезе во темата на лингвистиката – рече професорот Пандев.

Фото: Маја Јаневска Илиева

Тој се осврна на значењето на изучувањето и заштитата на македонскиот јазик како трезор на природниот јазик, но и како јазик на науката. Во таа насока, стави акцент на историската фрекфенција на Охридската книжевна школа и јазикот на вештачката интелигенција, базирано на концептот надеж.
– Граматиката на Круме Кепески претставува една од првите две граматики меѓу европските јазици издадени по Втората светска војна, со што се поставуваат темелите на современата јазична норма – рече Пандев.

Професорот Дрвошанов се осврна на цитати од Круме Кепески, каде ги раскажува предизвиците и потешкотиите со кои се соочил создавајќи ја Граматиката, при што му помогнало познавањето на прилепскиот говор.
– Почетниот влог на професорот Кепески во македонската наука за јазикот, без сомнение, е исклучително голем – беше дециден Дрвошанов, и продолжи дека неговата благородна мисија овозможи низа генерации ученици и студенти да се образуваат од неговите учебници по граматика.

Завршна реч имаше Јованка Кепеска, која потенцираше дека Граматиката има национално значење, остварување на вековниот стремеж на македонскиот народ да создаде граматика. Кепески самоиницијативно ја создал Граматиката, без никакви притисоци во тоа време, потпишан како писател, а не автор. Тој е приврзаник на модерната филологија, со напреден пристап, индуктивен метод и едноставност во пишувањето. Граматиката е основа да се осознае македонскиот јазик, сублиматат на карактеристиките на македонскиот јазик кои го разликуваат од другите јазици. И како што напишал Кепески, така заврши неговата ќерка: Помил и посладок од мајчиниот јазик нема!