Фото: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека нема да поддржи воведување двојазичност или повеќејазичност во правосудството, нагласувајќи дека правниот систем мора да функционира на единствен јазик.

Одговарајќи на пратеничко прашање од Илире Даути, Мицкоски истакна дека правосудството треба да се темели на македонскиот јазик како единствен службен јазик во оваа област.

 – Никогаш нема да поддржам двојазичност во правосудството. Мора да имаме еден закон, македонски закон, за да обезбедиме владеење на правото – рече премиерот.

Тој додаде дека Владата ќе се обиде да најде решение кандидатите кои сакаат да полагаат правосуден испит на својот мајчин јазик, вклучително и албански, да имаат таква можност, но со единствени и еднакви критериуми за оценување.

Мицкоски се повика и на мислење на Венецијанска комисија, според кое, како што рече, се препорачува напуштање на двојазичноста во правосудството и враќање на законската рамка од 2008–2009 година.

-Од 2020 година до денес биле пријавени 918 кандидати за полагање правосуден испит. Од нив 196 биле Албанци, не положиле 27, од кои девет повторно се пријавиле и сите положиле. Процентот на положени кандидати Албанци е 95,75 проценти согласно актуелната методологија, што значи дека не можеме да зборуваме за дискриминација. Јас немам против и стојам на ставот секој да може полага на својот мајчин јазик. Венецијанската комисија многу јасно и прецизно кажа во своето мислење за Законот за јазиците, вели – „во правосудството да се напушти двојазичноста и да се вратите на законот од 2008 – 2009 година. Не се добар пример Белгија, Швајцарија, тоа се конфедерации, федерации, ние зборуваме за унитарни држави и нема втор пример. Мора да сме свесни дека правосудството мора да биде на еден јазик, а тоа е македонскиот и тука мора да заврши таа дискусија. Ако тој факт го прифатиме сите, мора да најдеме начин полагањето правосуден испит еднакво да важи за сите и тука не гледам проблем. Има комисија, тим од уставно-правни експерти што работи на оваа проблематика. Се надевам дека ќе излезат со решение. Не би ги спомнувал имињата, бидејќи тоа е работна група за изнаоѓање решение. Се надевам дека ќе излезат со решение што ќе можеме сите заедно да го изгласаме – нагласи Мицкоски.

Во врска со Законот за јазици, напомена, просечен правник ќе каже дека е лошо напишан.

-За жал, тие што го носеа Законот за јазици тогаш, не водеа сметка за многу правни аспекти. Јас, меѓу другото, не сум правник, јас сум инженер. Но, читав, читам… и што можев да заклучам? Во самиот Закон стои дека ако во рок од една година не се хармонизираат законите, тогаш автоматски се хармонизираат. Како со генерален закон ќе хармонизирате специјален закон? Како со Lex Generalis ќе хармонизирате Lex Specialis? Не сум правник, ќе ми објасните. Освен ако тоа не го направат пратениците во Парламентот. Второ е прашањето зошто тие закони не биле хармонизирани тогаш – подвлече премиерот.