Фото: Принтскрин

Заменик-министерот за надворешни работи Зоран Димитровски изјави дека внесувањето на Бугарите во Уставот на Македонија ќе се случи кога ќе има гаранции дека идентитетските прашања нема да се користат како услов или вето на патот кон Европска Унија.

Одговарајќи на пратеничко прашање од Јованка Тренчевска, Димитровски истакна дека е неопходен реципроцитет во однос на правата на Македонците во Бугарија.

 – Бугарите ќе бидат дел од Уставот кога ќе видиме подадена рака, пред сè во однос на правата на Македонците во Бугарија и гаранции дека идентитетските прашања нема да го блокираат евроинтеграцискиот процес – рече тој.

Димитровски посочи дека македонските организации во Бугарија се соочуваат со проблеми при регистрација и дека за тоа постојат пресуди од Европски суд за човекови права.

Според него, Владата во изминатиот период активно работела со европските партнери за да обезбеди поддршка за предвидлив и непречен евроинтеграциски процес.

Тој нагласи дека сè повеќе европски претставници ја разбираат позицијата на земјата, наведувајќи дека и претседателот на Европски совет, Антонио Кошта, јавно укажал на потребата од гаранции.

Димитровски оцени дека за напредок е потребен дијалог со новата влада во Софија, но и внатрешен политички консензус.

 – Без консензус меѓу политичките партии, тоа е нашата најслаба алка – рече тој, додавајќи дека граѓаните веќе имаат јасен став по ова прашање.

Воедно, тој ја критикуваше опозицијата дека во 2022 година прифатила преговарачка рамка без обезбедено двотретинско мнозинство и без поширока политичка согласност.

Димитровски потенцира дека Македонија има високи стандарди во заштитата на етничките заедници и дека е изготвен акциски план со експерти од Совет на Европа, но дека и покрај тоа, дел од барањата од Софија остануваат нерешени.